
Заедничка инвестиција: Српски „Симпо“ и македонски „Леов“ отвораат фабрика – 200 нови работни места
Компанијата наречена „Симпо-Леов“, со седиште во Врање, ќе произведува електрични апарати, пред се бафери и бојлери
Производителот на мебел „Симпо“ од српскиот град Врање и македонската компанија „Леов“ ќе формираат заедничка компанија наречена „Симпо-Леов“, со седиште во Врање, која ќе произведува електрични апарати, пред се бафери и бојлери. „Симпо“ ќе го обезбеди производниот капацитет и помошната инфраструктура, додека „Леов“ ќе инвестира во опрема и знаење. Вкупната вредност на инвестицијата ќе биде околу 11 милиони евра. Новата компанија Симпо-Леов ќе вработи 200 нови вработени – 100 во првата инвестициска година и уште 100 во втората година, објави српски „Монитор“.
Препорачано
Леов компани е приватна компанија основана во 1984 година со производство на електрични уреди како основна дејност. Започна да работи како семеен бизнис, но денес компанијата Леов се разви во една од водечките компании на пазарот. Леов компани своето производство го организира на 2 локации, во Велес и Прилеп, а произведува електрични грејачи на вода (котли), грејачи на соларна вода (соларни котли за вода) кои можат да се монтираат и да ја вршат својата функција за надворешна и внатрешна употреба, соларни колектори за греење на вода, рамен и вакумски колектори, апарати за гас, котли со топла вода, печки и камини од дрво, печки и камини пелети, кварцни грејачи и компоненти за сите производи. Една од најинтересните карактеристики за Леов компани е што носители на повеќе производствени процеси се жени, што е нетипично за компанија од металопреработувачки сектор. Леов компани од вкупно 440 вработени има повеќе од половина жени, кои се ангажирани во процеси на обработка, заварување, монтирање, фарбање и сл. на производите.
Скоро 96 проценти од целокупното производство е наменето за извоз, а остатокот е наменето за домашниот, македонски пазар. Леов компани е компанија ориентирана кон извоз која со текот на годините успешно развива продажба на своите производи на пазарите во Австрија, Италија, Грција, Полска, Шведска, Шпанија, Португалија, Албанија, Турција, Малта, Романија, Унгарија, Србија, Хрватска, Словенија , Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Грузија, Саудиска Арабија. Денес компанијата е еден од најголемите производители на електрични грејачи на вода (котли) на Балканот.
Симпо пак порано беше еден од најголемите производители на мебел во поранешна Југославија. Компанијата е основана во 1963 година и моментално има близу 2.000 вработени.