Фотографија ЕПА, Маурисио Дуењас

Забранетите касетни бомби би биле „полезни“ за украинската офанзива?!

Американски офицери оценија дека касетна муниција би можела да им биде од полза на украинските сили во офанзивата за ослободување на територијата што е окупирана од Русите, иако таквото оружје е забрането со меѓународна конвенција. Сепак, ни САД ни Русија ни Украина не се потписници на Конвенцијата за касетна муниција забранува секакво користење, производство, трансфер и чување касетни бомби што при активирање исфрлаат мали експлозивни направи на голема површина. Конвенцијата е на сила од август 2010 година, усвоена е од 123 земји и ратификувана е од 108.

Киев побара од американски конгресмени да ја притиснат администрацијата на претседателот Џо Бајден да одобри испраќање „двонаменска конвенционална подобрена муниција“ (ДПИКМ) на Украина, наспроти ограничувањата во Конгресот и противењето на американските сојузници.

– Нашите воени аналитичари потврдија дека ДПИКМ би била полезна, особено против утврдените руски позиции на бојното поле. Причината поради која не сме испратиле ваков капацитет е поврзана со постојните ограничувања во Конгресот во врска со ваквата муниција и загриженоста за можно нарушување на единството со сојузниците. Од перспектива на бојното поле, веруваме дека би била корисна – изјавила на сослушување пред конгресмени Лаура Купер, заменик-помошничка на секретарот за одбрана.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски повеќепати изјави дека офанзивата за враќање на окупираната територија се одвива бавно поради силниот отпор на утврдените руски сили, но и за да се избегнат загуби во човечки животи. За потребите на офанзивата Киев веќе доби огромна воена поддршка од САД – проектилски системи ХИМАРС, противвоздушни „патриот“ и тенкови „абрамс“. Вашингтон во повеќето случаи се противеше на испраќање оружје што може да биде употребено против цели на територијата на Русија, но подоцна ја одобри помошта.
Касетната муниција е забранета, бидејќи вообичаено не се активираат сите мали бомби и тие со години по крајот на војните може да експлодираат и сериозно да повредат цивили.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот