
Забраната зa пушење на отворено предизвика поделби во Европскиот парламент
Гласањето претставува уште еден чекор кон општество со помалку тутунски чад, но и тест за европските институции, кои балансираат меѓу заштитата на јавното здравје и почитувањето на слободите на граѓаните
Европскиот парламент одлучува за предлог што би можел значително да го промени секојдневниот живот на пушачите во земјите на Европската Унија. Станува збор за иницијатива што предвидува забрана на пушење на отворено во одредени јавни простори, какви што се паркови, детски игралишта, спортски стадиони, плажи и други места каде што престојуваат големи групи луѓе или каде што постои посебен ризик за здравјето.
Препорачано
Оваа иницијатива е дел од пошироката стратегија на ЕУ под називот „Европа без тутунски чад“, чија цел е бројот на пушачи во Европа до 2040 година да се намали под 5 отсто. Сега повеќе од 25 отсто од возрасните во ЕУ користат тутунски производи, што има значајни последици врз јавното здравје и економијата, вклучувајќи високи трошоци за лекување на болести поврзани со пушењето.
Податоците на Европската комисија укажуваат дека пасивното пушење сè уште е голем проблем, дури и на отворен простор. Здравствените експерти тврдат дека честичките од тутунскиот чад можат штетно да влијаат врз луѓето во непосредна близина, особено врз децата, бремените жени и лицата со респираторни проблеми. Забраната, според нив, не само што би ја намалила изложеноста на штетни супстанции, туку и би испратила јасна порака за важноста на заштитата на здравјето.
Забраната за пушење на отворено ја поддржуваат многу невладини организации и здравствени установи, кои сметаат дека ова е логичен следен чекор во борбата против епидемијата на пушење. Многу земји на ЕУ веќе воведоа строги забрани за пушење во затворени јавни простори, а некои места, како Шведска, веќе применуваат ограничувања за пушење на отворено, што може да послужи како модел за целата Унија.
Сепак, предлогот наиде и на остри критики. Противниците на оваа мерка сметаат дека со неа се претерува во нарушување на личните слободи на граѓаните и изразуваат сомнеж во нејзината практична примена.
– Забраната за пушење на отворени простори не е само прашање на здравје, туку и прашање на слобода на избор. Пушењето на отворено не нанесува штета на ист начин како во затворен простор и тешко е да се оправда ваква забрана – рече еден од пратениците што се противат на предлогот.
Додека едни ја нагласуваат важноста на зачувување на здравјето на граѓаните и поддржуваат построги закони, други сметаат дека ваквата мерка може да предизвика револт меѓу пушачите и да доведе до компликации во примената на локално ниво.
Денеска се очекува гласање за овој предлог, кое ќе одлучи дали забраната за пушење на отворено ќе биде вклучена во правната рамка на ЕУ или ќе остане само препорака за земјите членки. Доколку предлогот добие поддршка од мнозинството, земјите членки ќе мора да работат на негова имплементација, што би можело да вклучува поставување нови знаци за забрана, зголемување на инспекциите и казни за прекршување на правилата.
Европската унија веќе со години спроведува кампањи за намалување на употребата на тутун. Освен забраните, се поттикнуваат иницијативи како зголемување на даноците за тутунски производи, ограничување на рекламирањето и промовирање на алтернативни опции, како електронски цигари и производи без тутунски чад. Според достапните податоци, овие напори веќе донесоа одредени резултати – бројот на пушачи во ЕУ се намалува, но сè уште побавно од очекуваното.