Семејно насилство / Насилство врз жени илустрација / Фото: Lev Dolgachov / Alamy / Alamy / Profimedia

За три месеци регистрирани се 391 нова жртва на насилство

Во првото тримесечје од 2025 година – јануари до март, бројот на ново евидентирани жртви во земјава е 391. Од таа бројка, 284 се жени, 53 мажи, а 54 се деца – секундарни жртви. Од вкупно 286 сторители, мажи биле 266, а жени 20. Евидентирани биле 221 физичко насилство, 345 случаи на психолошко насилство, два случаи на сексуално, а девет на економско. Овие податоци беа споделени на денешниот настан во Скопје, по повод промоција на видео – материјали од комуникациската стратегија и кампањата „Има живот без насилство“, фокусирана на подигнување на јавната свест за родово – базирано насилство врз жените.

– Ако направиме споредба на податоците на годишно ниво за 2023 и 2024 година, состојбата е дека за 14,7 проценти е зголемен бројот на жени жртви на семејно насилство во 2024 година, споредбено со 2023 година. Причини за зголемувањето е зголемената јавната свест за пријавување на насилството во самите институции и преземање на конкретни мерки и активности за спречување и заштита на самите жртви преку мулстисекторска соработка на централно и локално ниво меѓу иснтитуциите и граѓанските организации – беше истакнато на настанот.

– Доста е молкот да биде одговор. Доста е насилството да биде „приватна работа“. Доста е секоја петта жена да живее во страв – дома, на работа, на улица. Насилството врз жените не е нешто непознато. Не е статистика. Тоа е секојдневна реалност која разорува животи – во тишина, зад затворени врати, во домовите каде љубовта треба да биде заштита, а не закана – посочи министерот Лимани.

Тој во своето обраќање се осврна на многуте лица на насилството – емоционално, економско, психолошко, сексуално, како и на последиците што насилството ги остава зад себе.

Министерот Лимани упати силни пораки до жените жртви на насилство, до мажите вршители на насилство, но и до институциите кои треба да превенираат, заштитат и да одговорат на насилството.

– Не сте сами. Има помош. Има излез. Има живот без насилство. Имате право на достоинство, на љубов без страв, на дом без болка. Машкоста не е во удирање, во викање, во понижување. Вистинската сила е во почитта, во разбирањето, во поддршката. Затоа, ако сте сведоци, не молчете. Ако сте татковци, научете ги синовите на љубов, не на страв. Или сте дел од решението, или сте дел од проблемот. Средина нема – порача Лимани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот