
За три години од денес, од Скопје до Битола ќе се вози по автопат, вели Николоски
„Во сабота почнуваат конкретните активности за изградба на автопатот Прилеп – Битола, проект кој целиот Пелагонски регион го очекува. Автопатот ќе биде модерен со вкупно шест ленти, со по три ленти од двете страни и помошен алтернативен пат. За три години ќе имаме нов модерен автопат кој ќе донесе економски развој на Пелагонискиот регион“, рече денеска во Собранието вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, одговарајќи на пратеничко прашање.
Препорачано
„Од Градско до влезот на Прилеп ќе се вози по експресен пат, тука ќе има еден кружен тек каде лево ќе се влегува за Прилеп а десно до Битола ќе се вози по нов автопат. За три години од денес, од Скопје до Битола ќе имаме автопатско решение, што значи дека патувањето од Скопје до Прилеп ќе се намали на еден час и десетина минути, а до Битола на еден час и четириесет минути, што значи ќе се смени динамиката на развој, раздвижување на економијата, на бизнисот бидејќи голем дел од од БДП-то доаѓа од овој регион. Бенефит ќе имаат и општините во тој дел Кривогаштани, Крушево, Могила, Новаци, Ресен. Ова е огромен проект кој не е виден во централна Македонија и кој целосно ќе ја промени сликата во Пелагонскиот регион”, рече Николоски.
Тој потенцирше дека во изминатиот период овој проект се соочил со бројни предизвици, +како што е деминирање на бројни експлозивни направи од првата светска војна, а со помош на Министерството за одбрана се засилила динамиката на деминирање на теренот и се ослободиле 12 километри за работа. Исто така, најголем проблем, како што рече вицепремиерот, била експропријацијата во која во изминатите три месеци се решени околу 2.400 предмети.