
За поправка над 5.000 денари, мајсторот треба да даде отчет за потрошениот материјал
Доколку не сте дале писмена согласност за ненајавено зголемување на веќе договорената цена за поправка за повеќе од 5 отсто, не мора да ја платите сметката, стои во Законот за заштита на потрошувачите
За поправка на автомобил, расипана машина за перење садови или алишта, за клима-уред, или за шпорет, компјутер, којашто чини над 5.000 денари, мајсторите мора да ви дадат пресметка и работен налог со опис на работите, употребениот материјал или делови за поправка и одржување. Ова е предвидено со Законот за заштита на потрошувачите, но финтата е што ваквата можност е реално остварлива само доколку ангажирате регистрирана фирма. А со оглед на хроничниот недостиг од занаетчии и немаштијата, граѓаните сè повеќе ангажираат мајстори што сами се „препорачуваат“ и чиишто телефони ги наоѓаат во поштенските сандачиња, ваквата заштита е невозможна. „Слободен печат“ ги праша граѓаните дали слушнале за законската заштита и дали воопшто веруваат дека таа е реално остварлива? Одговорите што ги добивме во целина беа негативни, а речиси сите прашани одговорија дека „ молчат и плаќаат колку што ќе им се побара“.
Препорачано
– Трипати ми ги кршеа и наново ми ги прелепуваа плочките во купатилото. Нервите ги искинав барајќи мајстор. Стопати се покајав што воопшто се решив да ја реновирам бањата. Кому да се жалам? Самите сме виновни што ангажираме кого ќе најдеме, без референции, без препораки. Ова е епидемија на неквалитет – вели еден револтиран скопјанец.
– Имавме страшен дефект на водоводна цевка за кое е надлежно јавното претпријатие, а за негово санирање плативме 30.000 денари. Иако побаравме, не добивме пресметка за завршената работа и целата сума падна на наш товар – се потсетува жителка на Лисиче.
Законот е дециден, кога станува збор за поправка со регистрирана фирма, работниот налог треба да го потпишат трговецот и потрошувачот, а еден примерок од работниот налог мора да му се даде на потрошувачот. Значи, доколку поправката на вашиот електричен уред, машина за перење садови чини повеќе од 5.000 денари, треба да добиете пресметка и работен налог со опис на работите, како на пример: цена на грејачите што ќе бидат заменети и перките, цена на демонтажа цена на монтажа, чистење од бигор и слично – потсетува законодавецот!
Уште еден важен момент, а кој е целосно непознат за граѓаните, е дека според ЗЗП, ако во текот на поправката и одржувањето се наметне потребата за дополнителни работи и вградување дополнителни делови за што треба да се прошири работниот налог, трговецот мора за тоа да добие претходно писмена согласност од потрошувачот ако со проширувањето на работниот налог цената се зголемува за повеќе од 5 отсто.
– Доколку не сте дале ваква согласност, не мора да платите! Често и мајсторите условуваат за определена услуга да се плати аванс за материјали или за делови! Во ваков случај побарајте признаница за дадените пари и за нивната намена! ЗЗП го штити потрошувачот и за случаите кога изведувачот на работите бара авансно плаќање! Ако трговецот бара или изречно го условува купувањето на производот или давањето на услугата со делумен или вкупен еднократен или пресметковен аванс, тој е должен да го испорача производот или да ја изврши услугата по приемот на авансот. Трговецот е должен доколку рокот на испораката на производот или на дадената услуга е подолг од еден месец или не може да го испорача производот или да ја изврши услугата во договорениот рок, на потрошувачот да му пресмета и исплати просечна каматна стапка по видување, која се пресметува како просек од последниот интервал на просечните банкарски стапки по видување објавен од Народната банка на Македонија сметано од денот на приемот на авансот до денот на испораката на производот или извршената услуга – пишува во Законот за заштита на потрошувачите.
Договорот може да се раскине ако мајсторот не ја заврши работата
Сè додека нарачаната работа не е завршена, граѓаните може да го раскинат договорот – уснен, пишан, заверен кај нотар, секогаш кога сакаат! Но, во тој случај ќе бидете должни на вршителот на работата да му го исплатите договорениот надоместок, намален за износот на трошоците што овој не ги направил, а кои би бил должен да ги направи да не е раскинат договорот, како и за износот.
– Со ова не се исклучува примената на правилата за раскинување и измена на договорот поради променети околности. Ако надоместот е договорен врз основа на пресметка без изречна гаранција, мајсторот мора за тоа без одложување да го извести нарачувачот, инаку го губи секое побарување поради зголемените трошоци – предупредува законодавецот.