За пет денари поскапо паркирање од час, двојно повисоко на месечно ниво

За пет денари поскапува паркирањето на јавните паркиралишта, кои се во надлежност на ЈП „Градски паркинг“, па скопјани кои ќе сакаат да го остават своето возило на овие простори, ќе плаќаат по 50 денари на час за паркирање во зона А, 40 во зона Б и по 30 денари во зоните Ц и Д.

Со новите измени на цените, кои вчера се најдоа пред градските советници, двојно поскапува месечната карта за вработените во фирми што гравитираат кон јавните паркиралишта. Така, наместо 800 денари месечно за паркиралиштата со рампа и зонско и 1.000 денари месечно за паркирање во катна гаража, цените за овие услуги се зголемуваат на 2000 денари.

Во образложението на одлуката за измени на цените се вели дека причина се зголемените трошоци за одржување на катните гаражи и јавни паркиралишта со кои стопанисува претпријатието или попрецизно зголемените трошоците за струја, вода, сервисирање на лифтови и одржување на опремата инсталирана во јавните паркиралишта и во катните гаражи.

Деновиве, во изјава за една од телевизиите, градоначалникот Петре Шилегов рече дека цените за паркирање од час се зголемуваат незначително, само за 5 денари, а дека никаде не постои толку евтино паркирање на месечно ниво како во Скопје. Тој притоа нагласи дека доколку се залагаме за тоа да се стимулира користењето на јавниот превоз за сметка на сопствените возила, нормално е и цените за паркирање да се повисоки.

Вчера на седница на Советот на Град Скопје на зголемувањето на цените на паркирање се спротивстави советничката Драгана Велковска, која побара оваа точка да се симне од дневниот ред, што не беше прифатено. Таа во барањето нагласи дека со усвојувањето на оваа одлука Град Скопје ќе создаде непотребен финансиски товар врз и онака силно оптоварените работници. Според неа Град Скопје ќе ги принуди работниците да го ризикуваат своето здравје и да го користат лошо организираниот јавен градски превоз или да се возат повеќемина во едно возило што го зголемува ризикот од ширење на вирусот.

– Ако го земеме предвид намалувањето на платите, отпуштањето работници во сите сектори, оваа одлука претставува дополнителен свиреп удар за нив и им го отежнува и онака тешкиот и стресен период од нивните животи. Со минимална плата од 15.000 денари еден работник треба да даде 2.000 денари месечно за паркинг и најмалку 3.000-4.000 денари месечно за гориво, што значи дека најмалку една третина од својата плата е потребно да дава за превоз – наведе Велковска во своето барање.

Кањон Матка ќе стане споменик на природата

Советот на Град Скопје му предложи на Министерството за животна средина и просторно планирање да спроведе постапка за ревалоризација и прогласување на заштитениот локалитет на подрачјето на Град Скопје „Кањон Матка“ за споменик на природата.

Во рамките на Проектот на УНДП и МЖСПП „Јакнење на еколошката, институционалната и финансиската одржливост на системот на национални заштитени подрачја на Македонија“, изготвена е Студија за ревалоризација на природните вредности на заштитеното подрачје споменик на природата „Кањон Матка“, 2010 година. Во 2020 година УНДП изврши ревизија на Студијата во чии рамки е извршено и зонирање на просторот.

– Ревидираниот и дополнет стручен документ, односно Студија за ревалоризација на природните вредности на заштитеното подрачје споменик на природата „Кањон Матка“, е целосен стручен документ врз основа на кој МЖСПП ќе ја спроведе процедурата за прогласување на „Кањон Матка“ за споменик на природата – се вели во образложението на одлуката.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот