Прскалка / Фото: Zoonar GmbH / Alamy / Alamy / Profimedia

За нечии зелени бавчи и дворови, пола Скопје секојдневно со часови е без вода

Граѓаните залудно се жалат бидејќи не може сега да се промени она што со години не се сработило. Град Скопје и ЈП „Водовод и канализација“ досега не најдоа решение за големите губитоци на вода од мрежата, поголеми од водата која се испорачува и фактурира до домовите на граѓаните, ниту за дивите приклучоци, за кои акција се прави сега лете, кога веќе е доцна.

Повисоките делови на Скопје веќе десетина дена имаат сериозен проблем со вода, некаде водата доаѓа само ноќе или е исклучена со часови, а некаде притисокот е многу слаб. На овие високи температури вода бараат жителите на Автокоманда, Маџари, Ченто, Црниче, Водно, каде без вода остана и претседателската резиденција. Зградата на МТВ во која се сместени повеќе државни институции цела недела има вода само на првите два ката, па и таму со намален притисок.

Жителите на Водно вчеравечер излегоа и на протест, поставија блокади и порачаа дека нема да отстапат сѐ додека трајно не се најде решение за проблемот и најавија дека доколку и понатаму немаат вода протестите ќе продолжат и ќе се радикализираат.

Засегнатите скопјани од повеќе населби на градот се револтирани поради тоа што на плус 40 степени немаат услови за одржување на личната и хигиената во домот, не можат да исперат, да се истушираат, а притоа немаат никаква информација од „Водовод и канализација“ дали се работи за дефект или рестрикции на вода поради зголемената потрошувачка, колку долго ќе трае и зошто од претпријатието не обезбедуваат цистерни со вода за да им го олеснат секојдневието на граѓаните кои со часови се без питка вода. Се жалат и дека тешко успеваат да воспостават врска со контакт-центарот на претпријатието, а и кога ќе ги добијат оттаму добиваат противречни одговори.

Суви чешми во домовите низ повеќе населби, жителите бараат вода на пеколните жештини

Особено се револтирани и поради секојдневните апели на ЈП „Водовод и канализација“ за совесно и рационално користење на водата. Имено, од претпријатието речиси секојдневно информираат дека водата енормно се троши, особено во попладневните часови, во просек над 350.000 м3 на дневно ниво, што предизвикува нарушување на стабилноста на водоснабдителниот систем и прекини на водоснабдувањето на високите зони во делови од градот. Оттаму тврдат дека потрошувачката е предизвикана од неконтролирано трошење на водата за полевање на зеленило, бавчи и ниви, за перење автомобили, за полнење на базени, а притоа и ги повикуваат граѓаните доколку забележат див приклучок, да го пријават.

И лани се „переа“ коли и се полнеа базени и лани се полеваа бавчи, не дека оправдувам несовесно трошење вода, но ако е така тогаш преземете нешто посериозно отколку да добиваме нејасен и неконретен одговор од операторите. И на крајот на краиштата ако навистина е таква ситуацијата, кога планирате да преземете мерки како што се рестрикции на вода? Нека нема вода во одредени делови на денот за сите за да заштедиме или во одредени населби со некој план и распоред најавен и со сериозни соопштенија до јавноста за да се направи план на потрошувачка, за да имаме сите колку толку, а не одредени граѓани да немаат воопшто вода – вели жителка на Водно.

Жителите на населбата Автокоманда велат дека единственото објаснување што го добиле од операторите во контакт-центарот на претпријатието било дека населбата е на високо и затоа нема вода, без, како што тврдат, ни најмала грижа ниту решение како да им се помогне на жителите.

ВИДЕО | Арсовска: Инспектор од МВР фатен како „на диво“ користи вода, тој во бес нападна советничка од Градот

Граѓани укажуваат и на тоа дека во ваква ситуација на повеќе локации низ градот неконтролирано истекува вода, а екипите на претпријатието не интервенираат.

Два дена, од 5-ти јули се јавував во „Водовод“ и „Паркови и зеленило“ и пријавував дека на улица Тоше Проески, кај градоинката „Буба Мара“ истекува вода од вентил и веќе е езеро направено на патеката. И точна локација им испратив и ништо не е преземено. Кој е надлежен во вакви ситуации, зашто вака се губи многу вода – коментира граѓанин од Аеродром.

Од ЈП „Водовод и канализација“ на прашањата од „Слободен печат“ во врска со ситуацијата во зградата на МТВ, како и во населбите Водно и Автокоманда велат дека поради зголемено и неконтролирано трошење на вода во овој период од годината градскиот водоводен систем функционира со намален притисок со повремени прекини на вода.

 За проблемот знаеме, од страна на ЈП „Водовод и канализација“ се преземаат сите мерки кои ни стојат на располагање, сите капацитети се вклучени, се апелира до граѓаните да го намалат некорисното трошење на вода, како и откривање и прекинување на диви приклучоци – велат од претпријатието.

Оттаму додаваат дека влијание врз состојбата имаат и дивите приклучоци.

Дивите приклучоци секако дека имаат негативно влијание на состојбата на системот и водоснабдувањето, но за таа цел се организираат акции за нивно откривање – кусо објаснуваат од „Водовод“, притоа не одговарајќи на прашањето дали за проблемите со водата причина е големата потрошувачка или несоодветната водоводна мрежа.

„Водовод“ ве повикува да пријавувате диви приклучоци

Градоначалничката Данела Арсовска тврди дека не е до мрежата, не е до цевките, едноставно од природниот извор на градот и дополнителниот бунарски систем нема капацитет да извира питка вода колку што дел од жителите трошат.

 Рашче сред суша со високи температури има намален капацитет, а потрошувачката во изминатиот месец на дневно ниво е рекордни 356.000 м3 на ден, што би значело потрошувачка од 700 литри вода по глава на жител. Секој ден се фаќаат по 30 диви приклучоци од кои си наводнуваат цели ниви, приклучоци на дивоградби, на полнење базени, истите ни денар не плаќаат затоа нерационално трошат бидејќи ја добиваат за џабе, а МВР не постапува – вели Арсовска.

Додека не пикнат еден од овие во затвор, состојбите само ќе се влошуваат, а друг извор на вода немаме и нема како да се добие вода, џабе негодување, џабе жалење – смета градоначалничката.

И секако дека граѓаните залудно се жалат бидејќи не може сега да се промени она што со години не се сработило. Град Скопје и ЈП „Водовод и канализација“ досега не најдоа решение за големите губитоци на вода од мрежата, поголеми од водата која се испорачува и фактурира до домовите на граѓаните, ниту за дивите приклучоци, за кои акција се прави сега лете, кога веќе е доцна.

Фатен нов див приклучок на вода и изготвена кривична пријава за сторителот- велат од Град Скопје

Не научија со години наназад, не само ова раководство и менаџмент на претпријатието туку и сите пред нив дека апелите до граѓаните нема да ја решат ситуацијата, додека серозно не почнат да се занимаваат со водоводната инфраструктура и со старите цевки, со губитоците на вода и да преземаат постојани контроли и казнување на сите дивоприклучени. Оти ретко кој секојдневно ќе ги наводнува бавчите, дворовите и ќе полни базени доколку сето тоа го плати од свој џеб.

Секако, не можат да се оградат од одговорноста кон граѓаните кои се без вода во овие жешки денови без своја вина и само со обиди да се разбуди совеста кај оние кои очигледно ја немаат и чија единствена грижа е да им се зелени бавчите и дворовите по цена останатите да немаат вода ни лице да си измијат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот