облека

За фалсификуваните часовници, облека и обувки нема место на македонскиот пазар

Лани ДПИ одзел 24 часовници од два компании врз основа на претставките на застапниците на „Армани“ и „Мајкл Корс“. Годинава, пак, во соработка со Царината и полицијата запленети се над 2.400 фалсификувана облека и обувки во Куманово

Дваесет и четири привремено одземени рачни часовници е резултатот од вонредниот инспекциски надзор на пазарните инспектори на две домашни компании. Во Извештајот за работата на ДПИ за второто полугодие од 2024 година, стои дека тие постапиле по поднесените претставки од носителите на заштитените трговски марки „Армани“ и „Мајкл Корс“, при што утврдиле дека се повредени правата од индустриска сопственост.
Како регулаторно тело, Инспекторатот врши редовни пазарни инспекции за да идентификува случаи на повреда и неовластена употреба на регистрирани трговски марки. Во случаи на прекршување, Инспекторатот применува различни мерки – предупредувања, парични казни и правни дејствија, со цел да се заштитат правата на сопствениците на трговските марки.

– Привременото одземање е извршено во согласност со член 318 од Законот за индустриска сопственост, и часовниците се предадени во Агенцијата за управување со одземен имот. Истовремено е констатиран и прекршок според член 321 став 1 алинеја 4, а во врска со член 291 став 2 и став 3 од Законот за индустриска сопственост. Привремено се одземени рачни часовници со вкупна продажна вредност од речиси 480 илјади денари, а поведена е и прекршочна постапка пред надлежен суд – велат од ДПИ.

На почетокот на оваа година во координирана акција за спречување на нелегалната трговија со фалсификувани брендови, полицијата во Куманово изврши контрола во десет продажни објекти, при што беа запленети 2.403 парчиња облека и обувки. Според информациите од СВР Куманово, акцијата била спроведена во содејство со Царинската управа и Државниот пазарен инспекторат. При контролата, во седум од објектите биле пронајдени фалсификувани производи од познати трговски марки, по што истите биле одземени, а биле изготвени записници за констатираната состојба.

Иако сите регионални земји имаат слична, и на хартија силна, правна рамка, сè уште се појавуваат проблеми кога станува збор за справување со фалсификуваните производи. Овие проблеми најчесто се резултат на недостиг на ресурси и недостиг на ефикасни механизми за спроведување на регулативите, како и ограничената стратегија за заштита на интелектуална сопственост на носителите на правата, пишува Валентина Пргомет, член на работната група за интелектуална сопственост при АмЧам и правник и менаџер за Балканските земји во Реакт Балкан, во текст објавен во Капитал.

Според податоците на Државниот завод за заштита на индустриската сопственост во 2023 година се пристигнати 4.102 пријави за трговски марки што е зголемување од 14 отсто во однос на 2022 година. Од оваа бројка 85 отсто се пријави од странски подносители.
Инаку, од јануари до крајот на месец август 2023 година, имало 18 случаи на сомневање за повреда на правата на интелектуална сопственост во кои биле вклучени 22.380 парчиња од 43 заштитни марки на запленета стока. Повредата на ова право е потврдена во седум случаи или за 95.888 парчиња што се однесуваат на 12 меѓународни трговски марки.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот