
За домашниот пазар околу 2.000 јагниња, килограм месо до 600 денари
Онаму каде што може да се купи, цената на еден килограм јагнешко чини од 539 до 600 денари, колку што ќе ви наплатат и изнутриците. Лани килограм јагнешко чинеше од 350 до 380 денари за килограм
Речиси е десеткуван извозот на македонското јагне за католичкиот Божиќ. Понудата е сѐ помала, а разочарани од ниската откупна цена, сточарите велат дека го прескокнале овој празник и ќе ги чуват стадата за католичкиот Великден. Скендер Аме,претседател на Здружението на сточари „Дешат“ од Дебар за „Слободен печат“, вели дека откупната цена од 200 денари за килограм, ни оддалеку не им ги покрива трошоците за храна и транспорт, па сточарите не им ги даваат јагнињата на кланиците.
Препорачано
Неофицијалните податоци говорат дека годинава има дури 150 илјади овци помалку, а на домашниот пазар за новогодишните празници ќе се понудат околу 2.000 јагниња. Онаму каде што може да се купи цената на еден килограм јагнешко чини од 539 до 600 денари, колку што ќе ви наплатат и изнутриците. Лани килограм јагнешко чинеше од 350 до 380 денари за килограм.
– Не сме задоволни, откупната цена е 200 денари за килограм, а храната за јагнињата е 35 денари од килограм. Трошоците се големи. Јагнињата не ги продавам, ќе го чекам католичкиот Великден. Решив повеќе да се посветам на производство на овчо сирење, кое има врвен квалитет и постигнува одлична цена. Сега како што слушам, само минимални количества јагнешко месо, се извезени во Хрватска – вели Аме. Според неговите проценки за великденските празници, би можеле да се извезат околу 200 илјади јагниња.
Граѓаните велат дека трпезата им е се попосна. Јунешкото стигна до 800 денари за килограм, свинското се продава по цени до 400 денари, има и ограничени количества на зајачко месо и тоа по цена од 450 денари за килограм. Дел од нив додаваат дека не пробале јагнешко со години, а годинава шансите се уште помали.
-Цените се превисоки, а треба да се живее и по Нова година – велат купувачите.
На крајот на септември Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој се пофали дека 2.837 одгледувачи на овци добиле финансиска поддршка од 103 милиони денари за задржано женско јагне. Висината на поддршката е 1.000 денари по грло и се исплаќа за женско јагне на возраст од 6 до 18 месеци. Пред две години, како помош на одгледувачите на овци за покривање на загубите на поради намалениот извоз на јагниња, вкупната финансиска поддршка за женско јагне беше зголемена на 2.500 денари по грло.