супермаркет
Фото: Pexels / Kevin Malik

За да имаат ќар, трговците сакаат новогодишната кошница да трае еден месец

Горе-долу, според брифинзите на трговците, јасно е дека во кошницата ќе влезат одредени видови свинско месо, стограмски млечни чоколади, некои сувомесни и млечни производи, како и газираните сокови. Нема збор за намалување на прасечкото и јагнешкото месо, кои се сметаат за луксуз и граѓаните сами ќе решат дали ќе ги имаат на празничните трпези

За да им се исплати намалувањето на цените за износот на бруто-маржата од 10 отсто, трговците бараат новогодишната кошница да трае барем еден месец, односно од 15 декември до 15 јануари идната година, дознава „Слободен печат“ од свои извори. Тие не се согласуваат на покус рок, оти немаат доволно кадар да ја спроведат целата акција. Неофицијално пред три дена, добавувачите и трговците биле поканети на средба во Министерството за економија и труд, за да разменат ставови и да ги дефинираат производите во кошницата, но засега нема официјални информации што е договорено.

Горе-долу, според брифинзите на трговците, јасно е дека во кошницата ќе влеат одредени видови на свинско месо, стограмски млечни чоколади, некои сувомесни и млечни производи, како и газираните сокови. Воопшто не станало збор за намалување на прасечкото и на јагнешкото месо, кои се сметаат за луксуз и граѓаните сами ќе решат дали ќе ги имаат на празничните трпези. Намалени цени за 10 отсто ќе имаат зеленчукот и јужното овошје, но тоа како и во претходните мерки не се однесува на зелените пазари, каде цените веќе фаќаат залет. Така доматите почнаа да се продаваат од 120 до 200 денари, а нивната понуда е минимална.

Граѓаните не веруваат во резултатите од кошниците и забележуваат дека сè што демек се намали во текот на октомври сега е вратено на претходното ниво, па дури и има зголемувања од 10 до 30 денари. Тоа се потврдува и преку вредноста на синдикалната минимална кошница за месец ноември 2024 година, која изнесува 62.021 денари и споредена со вредноста на синдикалната минимална кошница за месец октомври 2024 година која изнесуваше 61.249 денари е зголемена за 772 денари. Со изнајмен стан од 60 квадрати за месец ноември изнесува 77.396 денари.

– Од податоците на вредноста на синдикалната минимална кошница евидентно е дека некој се богати на грбот на граѓаните и на работниците, а не ги почитува мерките на Владата што се креираат за да им се помогне на граѓаните со ниски примања. Трговците покажуваат дека немаат општествена одговорност ниту почит кон Владата.

ССМ веќе разговара со Министерството за економија и труд по однос на креирањето на идните мерки, но потребно е трговците или да покажат општествена одговорност, или Владата при креирањето на новите мерки да биде ригорозна во постапувањето на ваквите нефер трговски практики и да казнува реагираат од ССМ.

Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши потсетува дека во наредниот период ќе има други кошници со различен состав на производи, во зависност од тоа што најмногу се троши во тој период и во дијалог и со производителите и со трговците.

– Оваа мерка ќе ја креираме да биде во интерес на сите и да биде лесно применлива. Каков модел ќе одбереме, ќе зависи од предлозите што ќе ги добиеме, а секако треба да земеме предвид дека во маркетите за време на празниците има попусти и акции на одредени производи, па ќе видиме како тие ќе можат да се вклучат во наредните кошници. Она што е важно да кажам дека новогодишната кошничка нема да трае повеќе од еден месец. Односно предвидени се со пократок рок на траење од 15 до максимум 30 дена – изјави министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!