За аболициите од Иванов ќе одлучува и Врховниот суд

Од Судот за „Слободен печат“ велат дека ова е прв пат Врховниот суд да разгледува иницијатива што општо се однесува на дадената аболиција од експретседателот Иванов. За аблолицијата е одлучувано во предметот „Транспортер“ во јуни оваа година, кога Врховниот суд ја потврди пресудата дадена од основниот и апелацискиот суд и не го прифати помилувањето на Иванов како основано

Врховниот суд до крајот на јануари се очекува да донесе начелен став и начелно правно мислење во врска со аболициите што во април 2016 година ги даде поранешниот претседател Ѓорге Иванов на 56 лица, меѓу кои најголем дел функционери на ВМРО-ДПМНЕ, што тогаш предизвика масовни протетси на револторани граѓани што бараа правда. Во јуни адвокатот Миле Наумовски од Скопје поднел иницијатива до Врховниот суд, кој има рок од шест месеци по поднесувањето да одговори.
Од Врховниот суд вчера со соопштение ја информираа јавноста за постоењето на таа иницијатива.

– Поради интерес на јавноста и медиумите, Врховниот суд на Република Северна Македонија известува дека во Врховниот суд на Република Северна Македонија, доставена е Иницијатива за утврдување на начелен став и начелно правно мислење за повеќе прашања во врска со кривичната постапка, помеѓу кои и за прашањето за дадените помилувања од страна на поранешниот претседател на Република Северна Македонија, Ѓорге Иванов. Иницијативата е поднесена од Миле Наумовски, адвокат од Скопје – соопшти Врховниот суд.

Од Судот за „Слободен печат“ велат дека ова е прв пат Врховниот суд да разгледува иницијатива што општо се однесува на дадената аболиција од експретседателот Иванов. За аблолицијата е одлучувано во предметот „Транспортер“ во јуни оваа година, кога Врховниот суд ја потврди пресудата дадена од основниот и апелацискиот суд и не го прифати помилувањето на Иванов како основано.

– Иницијативата е поднесена во јуни и е определен судија-известител кој ќе работи по таа иницијатива. Врховниот суд се има изјаснето за аболицијата на експретседателот Иванов во пресудата за предметот „Транспортер“. Досега до Врховен не е поднесена ваква иницијатива во која општо се разгледува дадената аболиција од Иванов. Инаку, Врховниот суд дава начелен став и начелно правно мислење во случаите кога судовите имаат различна судска пракса – велат од Врховниот суд.

Во јуни Врховниот суд ја објави пресудата за предметот „Транспортер“ во кој, меѓудругите, на затворски казни е осуден поранешниот градоначалник на Битола Владимир Талевски за злоупотреба на службената положба и овластувањата. Судот тогаш соопшти дека барањата на осудениот за вонредно преиспитување на правосилната пресуда на Основниот кривичен суд Скопје и на Апелациониот суд е одбиено како неосновано, пресудите на пониските судови се законски, а аболицијата од Иванов, која се однесуваше и на Талевски е незаконска.

Овој суд го оцени како неоснован наводот за сторена повреда на кривичната постапка, во смисла на тоа дека постојат околности кои го исклучуваат кривичното гонење на Владимир Талески поради даденото помилување, од страна на тогашниот Претседател на државата“, се вели во пресудата.

Врховниот суд на десетина страници образложил зошто аболициката на Иванов е неоснована.

Даденото помилување не произвело правно дејство бидејќи било дадено врз основа на членот 11 од Законот за помилување, одредба која не била дел од правниот поредок, што значи дека осудениот никогаш и не се стекнал со право да биде ослободен од кривичен прогон“, се заклучува во пресудата за делот од жалбата што се однесува на аболицијата.

Со оглед дека Врховниот суд веќе образложи во поединечна пресуда дека аболицијата не важи, не се очекува и за новата иницијатива да има поинаков став. Со таквата одлука, на осудените и обвинетите пранешни функционери од предметите на некогашното СЈО како последна надеж дека ќе се спасат од затвор им останува дека аболицијата од Иванов ќе им ја „оживее“ Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур, каде има постапки за дел од предметите и од каде пред неколку месеци стигна одлука дека за нив сè уште не се исцрпени сите правни лекови во матичната држава.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот