Пензионери / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

За 10 години бројот на пензионери се зголемил за речиси 50.000!

Пред 10 години соодносот бил 1,9 вработени на еден пензионер. Сега 1,6 вработени издржуваат еден пензионер. Годинава, покрај пензискиот придонес, во Фондот за ПИОСМ треба да се додадат 700 милиони евра како буџетска дотација

Според податоците од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, во јуни имало 346.395 корисници на пензија, додека во истиот месец пред 10 години нивниот број изнесувал 297.472. Значи, за 10 години бројот на пензионерите се зголемил за 48.923! Но, дали за толку се зголемил бројот на вработени што треба да ги издржуваат овие пензионери?

Според податоците од Фондот за ПИОСМ, на крајот од 2024 година се евидентирани 556.294 осигуреници со задолжително пензиско и 342.282 корисници од работничко осигурување. Според овие бројки, 1,62 осигуреник издржува еден пензионер. Експертите се сложни дека ова е лоша вест. Пред 10 години соодносот бил 1,9 вработени на еден пензионер. Како сегашниот сооднос сме имале во 1998 и 1999 година, како и во 2007 година. Во периодот од 2002 до 2005 година, соодносот бил одвај 1,3 вработен во однос на еден пензионер. Ако се анализираат, пак, последните пет години, како што покажува извештајот на Фондот за ПИОСМ во 2020 година соодносот бил 1,76, во 2021 година бил 1,74, во 2022 година бил 1,71, а во 2023 година бил 1,7.

Пензискиот придонес е 18,8 проценти од бруто-плата, при што 12,8 проценти одат во државниот Фонд за ПИОСМ, а 6 проценти на приватна сметка во некој од задолжителните приватни пензиски фондови. Но, засега тие што се членови на вториот пензиски фонд сè уште се млади за да одат во пензија. Според извештајот на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС), бројот на исплати од Вториот столб за 17 години е мал, затоа што осигурениците се главно млади лица, па исплатите се обично во случај на смрт или преку остварена семејна пензија.

На крајот од минатата година премиерот Христијан Мицкоски изјави дека „во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) ќе има дупка уште шест или седум години, додека не почне поробусната исплата на пензиите од вториот пензиски столб“. Изјавата дојде по веста дека во партијата сè уште постојат различни мислења по однос на вториот пензиски фонд. Едниот став е да се примени концептот за негово национализирање, односно да се примени концептот како во Естонија, Полска, Унгарија, а вториот е за негово функционирање како што е сега.

Од пензиски придонес годинава е планирано да се соберат 1,3 милијарди евра, но потребни се 2 милијарди евра, што значи дека од Буџетот ќе се дотираат 700 милиони евра.
Вкупните приходи на Фондот за ПИОСМ во 2024 година биле речиси 1,9 милијарди евра. Притоа, од придонесите како изворните приходи биле реализирани 1,16 милијарди евра, или 61,6 проценти од вкупните приходи.

Двете линеарни зголемувања, лани во септември и годинава во март по 2.500 денари, значајно ја подобрија финансиската состојба на најзагрозените пензионери, но како што алармираа експертите, се опасност за одржливоста на пензискиот фонд. Неодамна се изгласаа и измени на Законот за пензиско и инвалидско осигурување што овозможија да има уште две линеарни зголемувања на пензиите, едно во септември годинава и едно во март наредната година. Според законските измени, не се прецизираше колкав ќе биде износот, но Владата излезе со претпоставени 1.000 денари. Како што се посочува во Законот, сите видови пензии што се исплаќаат во земјава, на 1 септември 2025 година и на 1 март 2026 година ќе се усогласат на тој начин што вкупниот месечен износ добиен од процентот за зголемување на пензиите, пресметан како збир од 50 насто на порастот на индексот на трошоците за живот и 50 насто на порастот на просечно исплатената плата на сите вработени во претходното полугодие во однос на полугодието што му претходи, објавени од Државниот завод за статистика, се дели со вкупниот број корисници на пензија што го оствариле правото на пензија заклучно со 31 август 2025 година, односно 28 февруари 2026 година.

Деновиве кога се дебатираше за причините за инфлацијата која на годишно ниво во јули достигна 4,8 проценти, експертската јавност беше сложна дека изворот на инфлацијата е зголемена побарувачка при што се споменаа и зголемените пензии.

Просечната пензија во јуни била 26.207 денари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот