
Вучиќ откри што би сакал да работи наскоро, кога ќе падне од власт
Српскиот претседател Александар Вучиќ за првпат навести што би можел да работи кога ќе ја напушти власта, пренесува „Нова.рс“.
Препорачано
„Кога наскоро ќе ја напуштам власта, а кога мојата ќерка ќе се врати од магистерските студии, таа се занимава со статистика – ако отвори своја компанија, ќе работам за неа“, рече Вучиќ пред српските новинари во Кина.
Пред оваа изјава, Вучиќ ги коментираше најновите наоди на агенцијата „Ипсос“, наведувајќи дека резултатите од истражувањето претставуваат „само слика од она што сте го правеле и дека тие не се причина ниту за посебна радост, ниту за посебна загриженост“.
Тој ги отфрли критиките за наодите, велејќи дека „сите знаат“ дека „Ипсос“ не ги манипулира анкетите.
Вучиќ рече и дека граѓаните „сакаат разговор и дијалог“ и дека „оној што повикува на дијалог никогаш не е слаб, туку оној што го отфрла“, алудирајќи на неговата покана до студентите за јавна дебата, која веднаш беше одбиена.
Претседателот на Србија даде изјава пред новинарите по средбата со рускиот претседател Владимир Путин, на маргините на одбележувањето на победата на Кина над Јапонија во Втората светска војна.
Во последната анкета на „Ипсос“, владејачката Српска напредна странка има поддршка од 48,2 проценти од гласачите, додека најавената студентска листа има поддршка од 8,1 процент од испитаниците. СНС го подобри својот рејтинг за 1,6 проценти во споредба со претходниот месец.