Кошта, Вучиќ и Фон дер Лајен во Брисел / Фото: EPA-EFE/OLIVIER MATTHYS

Вучиќ од Брисел: Не употребивме звучен топ, ЕУ може да провери

Српскиот претседател Александар Вучиќ вечерва во Брисел изјави дека ги известил највисоките претставници на Европската унија дека на протестот во Белград на 15 март не бил употребен звучен топ и дека српските власти се подготвени Брисел да го провери тоа.

Денеска и Европскиот суд за човекови права во Стразбур ѝ даде рок на српската влада од седум дена да одговори околу евентуалната употреба на неконвенционалното звучно оружје, чијашто употреба како средство за разбивање демонстрации е контроверзна.

По работната вечера со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, Вучиќ за српските медиуми изјави дека српската Влада не употребила звучен топ против демонстрантите, дека „нема што да крие“ и дека е „целосно отворена тоа да се провери на секој можен начин“.

„Им кажав на моите домаќини дека не е употребен звучен топ, дека сме подготвени да го провериме на секој начин и дека ќе дадеме одговор до Европскиот суд за човекови права, без разлика што неговата употреба никаде во Европа не е забранета“, рече Вучиќ.

Тој рече дека е „многу задоволен“ од разговорот со највисоките претставници на ЕУ, изразувајќи уверување дека средбата „значела многу за иднината на Србија“.

Разговорот беше срдечен…Клучна тема беше европската иднина на Србија. Реков дека Србија ќе биде апсолутно посветена на таа цел, и повеќе отколку што беше досега, но реков и дека наскоро ќе имаме одлука за формирање нова влада или одлука за нови избори“.

Тој додаде дека разговарале и за политичката ситуација во регионот, за неопходноста од зачувување на стабилноста и мирот, за економската ситуација, но и за „работите што Србија мора да ги направи во областа на владеењето на правото за да може да се избори за отворање на преостанатите кластери во пристапните преговори“.

На средбата било разговарано и за економијата и инвестициите, интересот на ЕУ за минералните ресурси и заедничките проекти со Србија, како и за одбранбената индустрија.

ВИДЕО | Воен аналитичар: Употребен е „звучен топ“ на протестите, оружје кое го поседува српскиот безбедносен систем

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот