Фото: Martin Novak / Alamy / Profimedia

Втора шанса? Пет работи што треба да ги знаеш ако сакаш да оживееш стара љубов

Не прекинуваат сите врски засекогаш. Јасно е, некои парови по последната средба никогаш повеќе не се гледаат (ниту се слушаат) и тргнуваат во поинаква насока, што им се покажува како најдобра животна одлука. Никој не треба да трпи лоша и токсична врска и незадоволството што произлегува од такви односи, пишува „Жена“.

Од друга страна, може да се случи поинаков развој на ситуацијата: парот прекинува и потоа, по денови или месеци разделеност, сфаќаат дека нивната врска сепак има потенцијал и дека вреди да се вложи труд во оживување на љубовта. Таа желба за нов почеток со поранешниот партнер обично се јавува затоа што сè уште постои искра или затоа што парот се разделил поради некакви животни околности. Што и да ве снајде, одлуката за повторен почеток не е едноставна. Тоа значи дека и двајцата сте свесни што било добро, а што лошо, дека ќе вложувате обострано во врската и ќе ги отстраните грешките од минатото. Повторниот почеток може да резултира со посилна и поцврста врска, но пред одлуката навистина да го сакате тоа, треба да се преиспитаат неколку работи.

Прво, дали таа врска навистина вреди време и труд? Потоа, дали ви е на двајцата јасно зошто прекинавте или, да речеме, тебе сè уште ништо не ти е јасно? И трето, какви се твоите и неговите чувства на споменот за втора шанса – дали воопшто сте подготвени за тоа? За да дојдеш до тие одговори, ќе биде потребно многу разговор и искреност.

Ако сте двајцата сигурни дека сакате да почнете одново, експертот за љубовни состаноци Лори Горшоу издвојува неколку совети. Вториот обид не е секогаш лесен, но понекогаш оди во неочекувана насока – затоа што луѓето со време можат да се променат и на полошо, но и на подобро.

Нека минатото ти биде лекција

Нема смисла да се однесуваш како работите сами по себе да ќе се решат. Пред да се обидете да ги поправите грешките од минатото, настојувај да утврдиш што цениш во таа врска. Што те привлече кај него – дали тоа беше хуморот или неговиот поглед на животот? Во текот на „вториот обид“ важно е да се осознаат работите што можат повторно да ве спојат. Можете да се запрашате кои спомени ве врзуваат и по што оваа врска е посебна (а изгледа дека е, штом сте ѝ дале втора шанса). Се разбира, треба да се сетите и на работите што тргнале наопаку, бидејќи нема причина да се преправате дека сè било совршено. И да ги расчистите. Дури тогаш можете да почнете со изградба на ново-стара врска.

Изградете нов однос

Не мисли дека во вториот обид нема место за повторно запознавање и романтика. Откако ќе го „исчистите“ минатото и од него ќе разберете што можете подобро, сега е важно да поставите добри темели. Искреност, доверба, приврзаност… Морате да се посветите еден на друг.

„Минете време заедно како пар, извршувајте обврски, гответе заедно и слично, но не заборавајте да ги споделите вашите мисли, надежи и соништа“, вели Горшоу.

Во вашиот распоред вклучете различни заеднички активности како излети, пикници или нешто друго што сакате. Важно е во врската да внесете динамика и да ја оживеете. А заедничките активности се најдобар начин за тоа – со смеа и разговор.

Лошото искуство преточи го во добро

Можеби првиот пат прекинавте затоа што бевте премлади, премногу безгрижни или пак ве разделија некои околности. Како и да е, искуството од прекинот може да ти биде корисно во оваа фаза. Веќе отприлика знаеш кои работи му се допаѓаат на твојот партнер, а што не поднесува. Истото важи и за него. Може да се каже дека сте во предност во однос на парови што штотуку започнале врска. Сега само треба да бидете подготвени за заеднички раст и развој на односот.

Промените се нормални

Ако решите да почнете одново, можеби ќе забележите дека сте се промениле. Дека тој или ти поинаку гледате на работите. Важно е да се сфати дека годините го менуваат човекот, особено ако вложува во себе и работи на себе. Затоа е клучно да одвоите време за повторно запознавање за да бидеш во врска со тоа што е твојот партнер сега, а не со ликот каков што бил кога првпат прекинавте. Често се случува периодот на самотија на многумина да им биде време во кое ќе ги одредат приоритетите и ќе се променат на подобро. Значи, не треба да се залажуваш дека сте сè уште истите тие „клињци“.

Почит пред сè

Ќе мора да се ослободите од „товарот“ од минатото и било каква огорченост. Без тоа и не се обидувај да почнуваш одново. Се чини саморазбирливо, но добро е да се повтори дека почитувањето е столб на секоја врска. Бидете љубезни еден кон друг и признајте ја грешката. Љубезноста, искреноста и почитувањето ќе ја зајакнат вашата врска. А од грешките од минатото сега можете да изградите уште подобра врска. Но за тоа е потребен взаемен труд и време.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!