Африм Фидани и Беса Адеми / Фотоколаж: Слободен печат

Врховен доби нов претседател – Африм Фидани не собра толку пофалби колку Беса Адеми критики

Со Беса Адеми имаме негативно искуство во соработката. Претседателот на Врховниот суд и на Судскиот совет имаат директна надлежност за подобрување на состојбите во правосудството. Таа нема позитивни резултати во развојот на правната мисла, во правораздавањето, па доаѓа до израз недоволниот ангажман. Јас ја доживеав Адеми како да води натпревар меѓу двата органа, Врховниот суд и Судскиот совет, и со тој натпревар не даде позитивен придонес, изјави судијата Ивица Николовски.

Судијата Африм Фидани, кој завршил Правен факултет во Приштина, ќе седне на претседателското место на Врховниот суд, додека довчерашната претседателка Беса Адеми, која претендираше за втор мандат, не го доби потребното мнозинство од членовите на Судскиот совет. Речиси сите членови ја критикуваа Адеми, додека за вториот кандидат иако немаше убедливо мнозинство со пофални зборови, сепак Фидани доби осум гласа „за“, а пет гласаа „против“. Беса Адеми, пак, доби само два гласа „за“, и тоа од потпретседателот на Советот Ханиф Зендели и од членот на Судскиот совет Аритон Ала, кои гласаа „за“ и за двајцата кандидати.

Речиси сите гласно беа против Адеми, додека зад Фидани гласно застана поранешната претседателка на Судскиот совет, Весна Дамева.

Весна Дамева – член на судски совет / Фото: Драган Митрески / Слободен печат

Претседателката на Комисијата за избор, Тања Чачарова-Илиевска, која ги правела интервјуата со двајцата кандидати и која не гласаше за ниту еден кандидат, рече дека иако Беса Адеми одговарала одлично на сите прашања на интервјуто, со однесувањето и со делата не ги потврдувала одговорите што ги давала на интервјуто. И другите членови ѝ забележаа дека била арогантна и наместо заедно со Судскиот совет да се трудат да ја подобрат довербата во судството, таа како да се натпреварувала со ова тело.

Чачарова-Илиевска немаше пофални зборови ниту за Фидани за кого била изненадена колку малку имал познавања на актуелните случувања во судството. Бил несигурен во интервјуто и не ѝ оставил впечаток дека може да биде на врвот на судството.

Какви беа ставовите на членовите?

Дамева, пак, ѝ забележа на Адеми дека не била кооперативна, но мислењето на колешката за Фидани го нарече субјективно, бидејќи Фидани имал акциски план за точно утврдени временски рамки, судијата не бил ниту санкциониран ниту имал ниски морални норми, а ветувал поголема транспарентност, онлајн судења и подобрување на комуникацијата со јавноста.

Но, освен Чачарова-Илиевска, за ниту еден кандидат не гласаа и судијката Антоанета Димовска, судијата Ивица Николовски, судијката Данка Ристова и претседателот Александар Камбовски.

Според Димовска, Адеми не се однесувала професионално, а додека била претседателка на Врховниот суд, меѓучовечките односи во институцијата биле нарушени.

– Адеми имаше изјава дека имала притисоци, но никогаш не дојде во Судскиот совет да објасни какви притисоци има, иако ѝ беше упатена покана – рече Димовска за Адеми.

За Фидани, пак, исто немаше пофални зборови, бидејќи, според неа, со ништо не се истакнал.

 

м-р Ивица Николовски – член на судски совет / Фото: Драган Митрески / Слободен печат

– Јас не го познавам, со ништо не се истакнал, ништо не напишал за да придонесе во правната наука, тоа е чудно – рече Димовска.

На иста линија беше и Николовски, а и Ристова.

– Со Беса Адеми имаме негативно искуство во соработката. Претседателот на Врховниот суд и на Судскиот совет имаат директна надлежност за подобрување на состојбите во правосудството. Таа нема позитивни резултати во развојот на правната мисла, во правораздавањето, па доаѓа до израз недоволниот ангажман. Претседателот на Врховниот суд според законите е дел од Судскиот совет. Во нејзиниот ангажман јас не видов нејзин предлог или учество во расправа за подобрување на состојбите во судството. Очекувам да дојде човек што заедно со Судскиот совет ќе испорача подобро судство. Јас ја доживеав Адеми како да води натпревар меѓу двата органа, Врховниот суд и Судскиот совет, и со тој натпревар не даде позитивен придонес – рече Николовски.

„За“ Фидани беа и пофални зборови за него имаа и членовите Селим Адеми, Миљазим Мустафа, Аритон Ала, Исамедин Лимани,  Павлина Црвенковска и Ханиф Зендели.

Исамедин Лимани рече дека ги познава двајцата кандидати. Не гласал за Адеми, затоа што во досегашната практика не се случило некој да добие два последователни мандати за претседател на највисокиот суд во државата.

Акумулиран функции

– Колешката Адеми е и член на УО на Академијата за судии и обвинители и во Судскиот буџетски совет, па за да нема акумулирани многу функции во една индивидуа, гласав против. Гласав за вториот кандидат, затоа што во програмата има акциски план. Тој е кривичар и мислам дека може да се справи со раководењето на Врховниот суд – рече Лимани.

Мустафа се распрашал за него и добил позитивни оценки за неговата личност, односно, како што рече, „за него не слушнав лош збор од судиите“.

– Местото е измислено за такви професионалци како него. Не гласав за Адеми поради нејзиниот пристап и однесувањето кон Судскиот совет. Јас очекував таа да биде член и на Советот и да дава конкретни идеи и предлози за подобрување на состојбите во судството – рече Мустафа.

м-р Селим Адеми – член на судски совет / Фото: Драган Митрески / Слободен печат

И Селим Адеми рече дека гласал против Адеми, затоа што смета дека два мандата, односно 8 години, се многу за еден ист човек да биде на чело на највисокиот суд.

– Не го познаваме судијата, затоа што за него досега немаше ниту една претставка ниту поплака за неговата работа – рече Адеми.

И Павлина Црвенковска рече дека гласала за Фидани, кого лично го познава затоа што работела со него во Апелацискиот суд и го смета за одличен професионалец.
Фидани ја доби поддршката и од потпретседателот на Судскиот совет, Ханиф Зендели.

Фидани е судија на Врховниот суд од 2017 година. Завршил Правен факултет на Приштинскиот универзитет во 1989 година. Од 1990 до 1996 година работи во просвета на правно-административни задачи, а од 1996 до 2005 година работи во Државниот инспекторат за труд, како републички инспектор за труд, област на работни односи. Од 2005 до 2007 година е секретар на Општина Врапчиште. Од 2007 до 2011 година е адвокат со седиште во Гостивар. Во јули 2011 година е избран за судија во Апелацискиот суд Скопје, кривичен оддел, а од 2017 година е врховен судија.

Судскиот совет минатата година поведе постапка за разрешување на Адеми од функцијата претседател на Врховниот суд, поради нејзиното недоаѓање на седниците на Советот и покрај поканите, но при гласањето предлогот за разрешување, не доби поддршка. Адеми, во интервју, додека наголемо се зборуваше за враќање во Македонија на поранешниот премиер Никола Груевски, јавно објави дека највисокиот суд е под страшен политички притисок да ја оживее амнестијата на Ѓорге Иванов врз непостоечки член за да се спаси Никола Груевски. Но, ослободувањето можеше да се случи само со начелен став од Врховниот суд, што не се случи.

Претседателот на Кривичен избран за судија во Апелација

Судскиот совет денеска го избра Иван Џолев, претседател на Основниот кривичен суд Скопје, за судија на Апелацискиот суд Скопје. Покрај Џолев, нови судии што ќе постапуваат во кривичната област на скопската апелација се судијките Марија Клетничка Марковска и Оља Ристова од Кривичниот суд и Бетим Јахја од Основниот суд Тетово.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот