Работници во текстилна фабрика / Фото: СП. архива

Времето ги турна во заборав неисплатените плати

Владата најави дека овие газди, покрај тоа што ќе треба да платат казни, ќе треба и да ѝ ги вратат парите на државата што од неа ги зеле како парична помош. Неофицијалните информации говорат дека добар дел од фирмите веќе не постојат и ќе нема од што да се наплати штетата

„Превезот“ на тајноста сѐ уште го покрива податокот дали и колку фирми што ја злоупотребија државната помош за исплата на плати во време на пандемија, ќе бидат и кривично гонети. Од Основното јавно обвинителство за „Слободен печат“ велат дека предметот е во предистражна постапка, а со оглед на нејзината тајност, не откриваат ништо друго.

– Надлежен јавен обвинител од ОЈО за гонење организиран криминал и корупција постапува по Барањата за спроведување истрага и поведување постапка за компаниите што наводно ја злоупотребиле државната помош, доставени од Генералниот секретаријат на Владата на РСМ. Предметот е во предистражна постапка​. Предметниот обвинител што постапува по предметот за целосно расчистување на наводите ги очекува одговорите што треба да ги даде УЈП и ГС на Владата, според своите надлежности што произлегуваат од Уредбата со законска сила за финансиска поддршка на работодавачите погодени од здравствена-економската криза предизвикана од коронавирусот, заради исплата на платите за април и мај 2020 година и измените на истоимената уредба, како и од Законот за финансиска поддршка на физички лица што вршат самостојна дејност погодени од здравствена-економската криза, за октомври, ноември и декември 2020 година. Со оглед на тајноста на предистражната постапка, Обвинителството не е во можност да сподели детали – одговорија од ОЈО на прашањето на „Слободен печат“ дали некој е казнет и дали се постапува по пријавите на Владата.

Иако јавноста веќе една година чека одговори и казни за манипулациите на работодавачите, последните информации за темата се од летоска, кога медиумите објавија дека Владата побарала кривична одговорност за речиси 1.200 претпријатија поради злоупотреба на државната помош. Според јавно објавените списоци на веб-страницата на Владата, за сите компании биле поднесени пријави до Основното јавно обвинителство. Процена е дека повеќе од 3 илјади работници не ги добиле заработувачките.

Мерката финансиска помош за исплата на плати се реализираше седум месеци и беше една од најискористените во пандемијата. Како што се објавуваа списоците на фирмите што ги избегнаа своите обврски, така синдикатите и граѓанските здруженија апелираа да се изрекуваат повисоки парични глоби, па и затворски казни.

Уште на почетокот се јавија сомнежи дека никој нема да биде казнет бидејќи во нашиот Кривичен законик не е пропишана казна за кривично дело злоупотреба на државната помош. За разлика од нас, во Казнениот закон на Република Хрватска е пропишана казна по член 258 – насловена како „субвенциска измама“. Нашиот Закон за работни односи определува рок за исплата на платата и санкции за негово непочитување, а Кривичниот законик дополнително кршењето на правата од работен однос на работникот ги дефинира како кривично дело.

Владата најави дека овие газди, покрај тоа што ќе треба да платат казни, ќе треба и да ѝ ги вратат парите на државата што од неа ги зеле како парична помош. Неофицијалните информации говорат дека добар дел од фирмите веќе не постојат и ќе нема од што да се наплати штетата.

Американец ја „спискал“ државната помош за ламборгини и стриптиз, Судот му доделил 9 години затвор

Ли Прајс, триесетгодишен бизнисмен од американската држава Тексас, е осуден на затвор од 9 години. Прајс преку владината програма на САД за помош на стопанството поради пандемијата, лани добил помош за своите фирми од околу 2,6 милиони долари, објави ЦБС, пренесува индекс.хр. Американецот ја признал во септември вината за злоупотреба и перење пари. Тој тврдел дека во една од неговите фирми работат 50 лица и дека за нивните плати месечно издвојува 375 илјади долари, а во дополнителната истрага е утврдено дека ниту имал вработени ниту им делел плати.

Со добиените пари ја исплатил хипотеката за куќата и за 233.000 долари си купил СУВ возило „ламборгини урус“ и „форд Ф350“ за 13.000 долари. Од добиените пари, Прајс се дотерал и со луксузен „ролекс“ часовник, а бил дарежлив  и со напојници во стриптиз-клубови.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот