
Вработените во „Паркови и зеленило“ со протест побараа плата за август
Вработените од јавното претпријатие „Паркови и зеленило-Скопје“ и вработените од неговите фирми-ќерки „Флораком“ и „Луна“ денеска одржаа протест пред претпријатието, како и пред бараките на Град Скопје и канцеларијата на градоначалничката Данела Арсовска, со барање да им се исплати плата за август и други додатоци договорени со колективниот договор.
Препорачано
Се собравме пред Собранието на Град Скопје, за да изразиме револт поради недобивањето плата за „Паркови и зеленило“, „Флораком“ и „Луна“. Имено, и покрај тоа што потпишавме спогодба и колективен договор на ниво на работодавач се уште не се исплатени не само платата за месец август, туку и регресот за 2022 година, јубилејната награда од 2022 година наваму и новогодишните награди. Беше договорено тоа да биде сукцесивно, значи роковите одамна поминаа. Сега има и застарување на побарувањата. Откако дојдовме како синдикат во „Паркови и зеленило“, „Флораком“ и „Луна“, вработените почнаа редовно да ги земаат платите, доцнеа со три, четири месеци. Во континуирана комуникација со сегашното раководство на „Паркови и зеленило“, сепак успеавме да ги доближиме разликите меѓу платите наназад, но сега немаат земено плата за август, а набрзо ќе немаат и здравствено осигурување, изјави претседатедателот на независниот синдикат на државната администрација, Горан Ристески.
ФОТО-ВИДЕО | Вработените во „Флораком“ и „Луна“ ја блокираа Илинденска, бараат плати
Тој посочи дека вработените бараат Градот да обезбеди парични средства за услугите кои ги вршат овие претпријатија, односно средства за плата и друг додатоци на плата, како и регрес, јубилејна награда и новогодишен додаток. Според Ристески, не успеал нивниот обид да разговараат со градоначалничката, затоа што Арсовска не ги примила.
Последниве месец дена не можевме да воспоставиме контакт ниту со директорот на „Паркови и зеленило“, кој е одговорен и за „Луна“. Од тие причини е организиран протест со цел да се искаже револт. Вработените бараат плата и почитување на Законот за работни односи. До 15-ти во месецот да се исплати плата за секој вработен во овие две институции. Доколку не се исполнат барањата согласно закон ние ќе продолжиме со протест, но не се исклучени и порадикални мерки. Има разни опции, има бел штрајк, додаде Ристески.
Во врска со јавните претпријатија кои не го собираа ѓубрето во Скопје, тој истакна дека ова покажува дека и тоа јавно претпријатие, како и другите не е во добра состојба и едвај врзува крај со крај.