Фото: Општина Карпош

Вработените во Општина Карпош уплашени дека ќе останат без плати: ВМРО-ДПМНЕ тврди дека Јакимовски манипулира со нив

Неизгласувањето на Буџетот повлекува по себе други последици врз тековното работење на Општината, а едно од прашањата е како ќе им се исплатат платите за јануари на вработените во општината и во градинките доколку до крајов на месецот не биде изгласан Буџетот, а не е донесена ниту одлука за времено финансирање.

Советниците во Советот на Општина Карпош на последната седница одржана на неколку дена пред истекот на 2023 година не го донесоа Буџетот за наредната година, затоа што процедурата беше закочена, откако на расправа се најдоа повеќе од 3800 амандмани поднесени од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Расправата за Буџетот всушност беше запрена затоа што не се најде начин како да се продолжи со работа, особено што градоначалникот Стевчо Јакимовски и општинската администрација сметаа дека амандманите се невалидни, поднесени во пократок рок од пропишаниот, а во дел од нив имало и грешки.

Остана дилемата дали воопшто треба да се разгледуваат или директно да се оди на гласање. По координативната средба, на која колегите од ВМРО не се согласија со повлекување на амандманите пред 24-ти февруари, седницата се прекина. Дури и иницијативата за носење Одлука за времено буџетирање кои сме должни да ја донесеме, немаше желба ниту да се подготви, ниту да се донесе – соопштија од „Независни од Карпош – За заштита на Карпош“.

Според нив доколку сите амандмани се разгледуваат потребни се минимум над 60 часа работа, што значи ако 10 дена се работи по 6 часа, постојат шанси до 15 јануари да се стигне до гласање на Буџетот.

Советниците од ВМРО-ДПМНЕ пред дваесетина дена ги поднесоа амандманите за, како што соопштија, времено да биде спречено донесувањето на Буџетот на Карпош, а со тоа и носењето на ДУП-овите за „Алумина“, Влае, Млечен и други ДУП-ови.

Колку и да ги почитуваме ставовите на колегите од ВМРО, не може да најдеме поврзаност на блокирањето на Буџетот со носење ДУП-ови, посебно што за Програмата за урбанизам се најде компромис и беше донесена само со два плана, Нерези и блок кај Момин Поток. За секој ДУП што треба да се процесира во 2024, мора да има одлука за дополнување на оваа Програма на Советот – велат независните советнички.

За нив, начин да се решат пречките за донесување на Буџетот е советниците од ВМРО- ДПМНЕ да ги повлечат амандманите и да се обезбеди официјален документ од соодветна институција околу валидноста на амандманите.

Јакимовски обвини дека ВМРО-ДПМНЕ го блокира изгласувањето на буџетот на Општината

Во член 28 од Законот за финансирање на единиците на локална самоуправа е прецизирано дека Советот на општината го донесува буџетот за наредната година најдоцна до 31 декември во тековната година, по сметки, по потпрограми и по ставки. Доколку тоа не се направи до тој рок тогаш Советот на општината „е должен да донесе одлука за времено финансирање и финансиски план за нејзино спроведување за период од 1 јануари до 31 март за тековната година. Градоначалникот одобрува исплата на средства по сметки, по потпрограми и ставки од буџетот, но најмногу до една третина од вкупно извршените расходи во првиот квартал од претходната фискална година најдоцна до 31 март“.

Во Законот за локална самоуправа пак, во член 75 меѓу другото се објаснува дека Советот се распушта доколку „не го донесе Буџетот и годишната сметка на Буџетот до 31 март во тековната година“. Повеќе од веројатно е дека тоа нема да се случи и дека дотогаш советниците ќе најдат начин да го донесат Буџетот и дека нема лесно да се откажат од советничкиот мандат кој треба да го тераат уште речиси две години.

Но единствениот проблем не е дали Советот ќе се распушти или не, туку неизгласувањето на Буџетот повлекува по себе други последици врз тековното работење на Општината. Едно од прашањата е како ќе им се исплатат платите за јануари на вработените во општината и во градинките доколку до крајов на месецот не биде изгласан Буџетот, а не е изгласана ниту одлука за времено финансирање.

Вработените во општинската администрацијата денеска јавно го изразија своето незадоволство и стравот од последиците поради недонесувањето на Буџетот на Општина Карпош и за тоа ги обвинија советниците од ВМРО-ДПМНЕ, советничката Невена Георгиевска од „Независни за Карпош“ и претседателот на Советот, Бранко Ристов од Левица.

Тие посочија дека со ова се доведува во прашање целокупното функционирање на локалната самоуправа.

Што значи тоа? Тоа значи дека општината од 1 јануари 2024 година нема основ ниту пак средства да ги плати редовните режиски трошоци (телефон, струја, вода, греење) во општинските објекти, како и во училиштата и градинките. На тој начин на општинската администрација ќе и биде оневозможено правото на работа и извршување на работните обврски, бидејќи ќе бидеме лишени од основните услови за работа. Со тоа, општинската администрација не може повеќе да биде сервис на приближно 70.000 жители на Општина Карпош – рекоа на прес конференција вработените во Општината.

Тие јавно го повикаа Обвинителството да преземе мерки против незаконското и злонамерно работење на претседателот на Советот и повеќекратните штети предизвикани со неговиот неодговорен однос.

На ова експресно реагираа од ВМРО-ДПМНЕ кои сметаат дека градоначалникот Стевчо Јакимовски манипулира со вработените.

Манипулациите и заканите дека вработените ќе останат без плати се последниот обид на Јакимовски да изврши притисок врз советниците на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Општина Карпош да го изгласаат Буџетот за 2024, а со тоа да ги спаси и остави во живот ДУП-овите и урбаната мафија која го разорува Карпош. Но, и оваа лага многу скоро ќе биде прозрена. Има и постојат законски можности обврските кон вработените да бидат целосно, редовно и навремено исплатени. Повторно бараме итно свикување на Седница на Советот на општина Карпош за донесување одлука за времено финансирање на општината, сѐ до донесувањето на Буџетот за 2024та година, соопштија меѓу другото од партијата..

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот