
Вработените во Општина Карпош се селат во новата зграда, бараките привремено ќе станат градинка
Деновиве постепено се врши преселбата на канцелариите и на вработените од втората барака во новиот објект. Таму, во текот на денов треба да биде пуштена струја, а во наредниов период ќе се чисти целиот објект, ќе се доопремуваат канцелариите со мебел за што веќе беа спроведени тендери.
Започна преселувањето на администрацијата на Општина Карпош во новата зграда. Едната барака, во која до неодамна се наоѓаше и канцеларијата на градоначалникот Стевчо Јакимовски, веќе е испразнета и во неа од вторник привремено ќе се вселат децата од градинката „Мајски цвет“, чиј објект лоциран во Тафталиџе 1 е во фаза на изградба.
Препорачано
Просторот е веќе опремен за потребите на децата, со маси, столчиња, играчки, едукативен материјал и креветчиња, а Јакимовски на директорката на бараката и официјално ѝ ги предаде клучевите од бараката каде што децата ќе одат во градинка во наредните два месеца.
Директорката и вработените во оваа градинка ќе управуваат со овој објект, кој го адаптиравме за прием на дечињата и нивен дневен престој, додека им ја изградиме за околу два месеца новата градинка по сите еколошки стандарди. Потоа, ќе следува изградба на нов објект на градинката „Пролет“, попозната како „Пролет – Канела“ и исто така, децата ќе бидат привремено сместени во овие општински објекти додека се гради и нивната нова градинка – вели градоначалникот.

По завршување на привремениот престој на децата од овие две градинки, Советот на Општина Карпош ќе одлучи за што во иднина ќе бидат користени двете бараки во кои во изминатите години работеа поголемиот дел од вработените во Општината. Според Јакимовски, едната општинска барака би можела во иднина да биде дополнителен објект на градинката „Орце Николов“, која се наоѓа во непосредна близина, додека во втората барака, дел би требало да биде отстапен за користење на архивата на Општина Карпош, а другиот дел да се оспособи за простории што ќе може да ги користи КУД „Орце Николов“.
Токму овие две бараки, лоцирани до училиштето „Лазо Трповски“, кои Општината за свои потреби ги подигна во 2013 година, кога беа урнати старите општински бараки и на нивно место почна да се гради новата административна зграда, беа причината што во април годинава Основниот кривичен суд го осуди Јакимовски на 3,5 години затвор. По неколкугодишна судска постапка, Судот утврди дека тој е виновен за бесправната изградба на општинскиот објект и за злоупотреба на службената положба и овластување. Според пресудата, изградениот административен објект на локалната самоуправа се одзема во корист на државата.
Веднаш потоа, реагираше Јакимовски дека кривичното дело што му се става на товар не е точно, со објаснување дека бараките се времени објекти за кои е предвидена прекршочна одговорност, а дека на кривична одговорност подложат дивоградбите.

Тој најави жалба пред Апелацискиот суд, затоа што како што рече бараките се целосно законски изградени и дека се привремени монтажни објекти што ги исполнуваат сите пропишани стандарди, а дека проектите за овие објекти биле доставени до сите надлежни институции за одобрение.
Овие објекти не се никакви дивоградби, туку привремени и монтажни конструкции, кои се изградени во согласност со правилниците за привремени градби. Бараките се во согласност со сите технички спецификации, од изборот на градежни материјали до нивната лесна демонтажност, што е предуслов за нивната привремена природа – изјави Јакимовски, додавајќи дека пресудата што ги оценува овие објекти како нелегални, се темели на фалсификувани документи, за што ќе биде поведена постапка.
Пресудата не е правосилна и како што дознаваме, сѐ уште не му е доставена за да може да поднесе жалба.
Во новоизградената општинска зграда веќе се преселени дел од администрацијата и канцеларијата на градоначалникот, кои досега беа сместени во првата барака.
Деновиве постепено се врши преселбата на канцелариите и вработените од втората барака во новиот објект. Таму, во текот на вчерашниот ден требаше да биде пуштена струја, а во наредниов период ќе се чисти целиот објект, ќе се доопремуваат канцелариите со мебел за што веќе беа спроведени тендери. Се очекува вселување во новиот објект да заврши наскоро – велат од Карпош.
Новата зграда на Карпош почна да се гради во 20112 година, а целиот проект како што беше првично кажано требаше да чини помалку од три милиони евра, но низ годините, инвестицијата значително порасна, особено затоа што изградбата предолго трае.
Во изминатите три години во неа се вложени повеќе од половина милион евра, а изградбата се одвивала, како што неодамна ни одговорија од Општината, во согласност со средствата што се одвојувале за нејзино завршување.
Новата зграда на Карпош ќе биде готова во јуни, администрацијата ќе се вселува летоска