
Вработен во прилепската болница проневерил 34.000 евра, доби условна казна откако ги вратил парите
Условна затворска казна во траење од две години изрече Основниот суд во Прилеп против вработен во прилепската болница, кој за осум месеци, во периодот од август лани до април годинава проневерил 2.110.640 денари (околу 34.000 евра) наплатени од пациенти.
Препорачано
Како што соопшти Управата за финансиска полиција, службеното лице од ЈЗУ Општа болница со проширена надлежност „Борка Талески“ – Прилеп сторило кривично дело Проневера во службата, согласно член 354 став 2 во врска со став 1 и во врска со член 45 од Кривичниот законик.
Обвинетиот иако ги вратил средствата, судот ја утврди вината и му изрече условна затворска казна во траење од две години, која нема да се изврши ако во наредните четири години не стори ново кривично дело.
-Овој случај е дел од пошироката истрага на Управата за финансиска полиција, која со месеци го анализираше финансиското работење на прилепската болница и истовремено ја потврдува нашата заложба за борба против корупцијата и злоупотребата на јавни средства. Враќањето на парите не ослободува од одговорност, правдата мора да биде еднаква за сите. Оштетувањето на јавниот буџет, особено во здравствениот сектор е недозволиво и секој обид за прикривање или игнорирање на вакви постапки претставува закана за довербата на граѓаните во институциите, информира Управата.