
Васил Јованов осуден на 12 години затвор – таткото на Фросина бесен, за адвокатот пресудата е превисока!
Судијката Снежана Марковска при изрекувањето на пресудата рече дека судот ги ценел и отежнителните и олеснителните околности за Јованов. За ова дело се предвидени максимални 20 години затвор
Тензично беше во Кривичниот суд по изрекувањето на дванаесетгодишната казна за возачот што кон крајот на јануари смртно ја прегази 22-годишната Фросина Кулакова.
Препорачано
Незадоволство и закани беа упатувани кон Васил Јованов и кон неговите родители, но и кон судиите. За кривичното дело „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ е предвидена затворска казна од четири до максимални 20 години затвор.
Судијката Снежана Марковска при изрекувањето на пресудата, рече дека судот ги ценел и отежнителните и олеснителните околности за Јованов. Како олеснителни, Судот ги ценел признанието на вина и чувството на вина, како и свесноста за степенот на кривичното дело што го сторил и последиците, потоа возраста и неискуството, поранешниот живот – активен студент и спортист и неговото однесување по сторувањето на делото.
Како отежнителни околности, пак, судот ги ценел интензитетот на дејствијата и прекршување голем број норми од Законот за сообраќај, степенот на опасност од предизвикување на ова дело, тоа што обвинетиот е претходно осуден на казна затвор од три години и десет месеци за недозволена трговија со дрога, како и фактот што против него се отворени уште неколку постапки за поминување на црвено и загрозување на животот на пешаците и целосно игнорантскиот однос кон нив.
Тодор Кулаков: Затвор за судиите!
Најреволтиран од пресудата беше таткото на Фросина, Тодор Кулаков, кој судот го нарече „мафија“, а им се обрати и на родителите на Јованов со зборовите: „Кај ќе ви оди душата, Господ ќе ве казни“. Кулаков демонстративно ја напушти судницата и порача: „Судот е мафија“. Потоа викањето и обвинувањата продолжија во судските ходници додека судечкиот совет одлучуваше дали Јованов ќе остане во притвор до правосилноста на пресудата.
Багро една судска, затвор за судиите, порача таткото на загинатата Фросина Кулакова
– Багро една судска, затвор за судиите. 12 години го осудија за најбрутално убиство. Ќе те оставам без леб и без работа – викаше Кулаков.
Откако судијката кажа дека Јованов останува во притвор до правосилноста на пресудата, Кулаков незадоволството го искажа и кон родителите на Јованов, кои седеа во судницата во делот на јавноста и ја слушаа пресудата за синот.
Јованов при изрекувањето на пресудата цело време молчеше со наведната глава и само одговори на прашањето на судијката дали има нешто да каже за притворот.
– Немам што да барам судија, благодарам – рече Јованов, кој до правосилноста ќе биде во притворското одделение во Шутка.
Пред Кривичниот суд, пак, имаше различни реакции за пресудата. Семејството – незадоволно, за обвинителот пресудата е мала победа, а за адвокатот на обвинетиот, Сашко Дуковски – затворската казна е превисока.
Во изјавата пред медиумите Кулаков ги обвини родителите на Јованов дека пресудата ја дочекале „релаксирано“.
– Дали тие ја знаеја казната за разлика од претходното рочиште, кога беа вкочанети? Затоа во држава во која дилерите на дрога и немилосрдните убијци се прогласуваат за светци, спортисти и посветени студенти, според зборовите на одбраната, а што беше прифатено од судијата, таква е и срамна пресудата. Убиецот Васо и другите тројца во автомобилот се светци, а загубата на животот на Фросинче едноставно е небитна. Животот одамна е докажано дека нема вредност според законите на оваа држава – рече Кулаков.
Кај ќе ви оди душата, Господ ќе ве казни, им порача таткото на Фросина на родителите на Јованов
Тој рече дека „никој не обрнал внимание на повеќето сведоци што биле прикриени и должни да одговараат пред законот за уништување клучни докази, како совозачот Лорен, кој додека се возеле, снимал со неговиот телефон и потоа таа снимка ја избришал“.
– Лорен е син на познат скопски кафеанџија и затоа ја има целата заштита од системот. Судот е чиста мафија и вакви убијци штити и носи такви пресуди. Лорен, како клучен сведок, треба да добие кривична пријава за уништување докази за убиство… Многу поголема ќе беше казната за Васо, но и за другите тројца во возилото. Овој систем ги скри и треба да одговара за соучество во убиство – додаде Тодор Кулаков.
Сестрата на Фросина, Росица Кулакова на социјалните мрежи по пресудата повика утре во 17 часот на протест пред Универзалната сала, од местото каде беше прегазена Фросина.
Семејството на Фросина повикува утре на протест по пресудата за Васил Јованов
За обвинителот, ова е мала победа за Обвинителството
Обвинителот Александар Марковски, пак, кој го водеше случајот, рече дека ова е мала победа за Обвинителството, но го задржа правото на жалба на пресудата.
– Кога станува збор за ваков трагичен настан, нема простор ниту за славење ниту за разочараност. Во поглед на тоа самопризнание придонесе брзата и ефикасна истрага, во која придонесе со свој кадар и МВР кое беше на висина на задачата, како и истражителите од ОЈО Скопје. Денешниот ден за Обвинителството е поголема победа, затоа што беше изречена казна затвор која во историјата на овој суд, за ова кривично дело, кога станува збор за една жртва, не била досега изречена, сметајќи на висината 12 години затвор. Обвинителството сепак го задржува правото на жалба и да бара повисока казна затвор – рече Марковски.
За адвокатот на Јованов, Сашко Дуковски, затворската казна е превисока и го спомена случајот во Велес, кога возачот што ја прегази младата Магдалена и избега, првично доби 18 години затвор, а Апелација му ја намали затворската казна на осум години.
– Иста ваква сообраќајка во 2019 година, на истото место и истиот пешачки премин е завршена со 3,5 години. Сетете се на предметот во Велес – има само еден прекршок повеќе од Васил, затоа што сторителот се даде во бегство. Правосилно заврши со осум години. Секако е трагичен настан, но не може од него да се започнува со спроведување нова казнена политика во Македонија. Само затоа ни е приговорот. Судот во деловна мера не го ценеше искреното каење и личноста на сторителот. Казната е превисока – рече Дуковски.
За адвокатот на Јованов казната е превисока – не може со него да започне нова казнена политика
На 29 јануари годинава, Јованов, без возачка дозвола и под дејство на алкохол, управувал возило со брзина од 91 километар на час, на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје. На пешачки премин, поминувајќи на црвено светло, удрил во Фросина која минувала на зелено за пешаци. Од силата на ударот, Фросина се здобила со тешки телесни повреди и починала на самото место. По несреќата, имаше протести и обвинувања кон судиите.
Јованов има и пресуда од три години и 10 месеци за продажба на дрога.
Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен предлог и против таткото на Васил, Зоран Јованов, за кривично дело „предизвикување општа опасност“ од член 288 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Обвинението се однесува на периодот од 04.11.2022 до 30.01.2025 година, во кој тој му дозволувал на својот син да управува патничко моторно возило „пежо 207“, иако знаел дека нема возачка дозвола и е сторител на сообраќајни деликти.