Илустративна фотографија

Возачите се мачат да го сместат патничкиот багаж, некои одат за сончање, други да прават ајвар или џем со морски шмек!

Туристичките агенции за „Слободен печат“ брифираат дека без оглед на фактот дали се уплаќа за седумдневен аранжман или се патува во посета на најблиските што работат во странство, ситуацијата пред тргнувањето наликува на „преселба на народите“. На меѓународните релации, се случува во автобусот да има десетина луѓе, а да нема место во багажниците, бидејќи еден патник носи од 15 до 20 торби

Гајби со домати, компири и пиперки, гајби јајца, по неколку патнички фрижидери, чадори за сончање, лежалки и планина од торби или куфери, носат македонските граѓани што патуваат надвор од земјава. Во минатото имало и случаи да се прават ајвар или мармалад во апартманите, а газдите да реагираат до изнајмувачите дека ова е недозволива ситуација. Посебен проблем е хигиената во автобусите или во туристичките комбиња од изгрицканите семки, сончогледи и други грицки, иако според сите правила во нив е најстрого забрането да се јаде.

Туристичките агенции за „Слободен печат“ брифираат дека без оглед на фактот дали се уплаќа за седумдневен аранжман или се патува во посета на најблиските што работат во странство, ситуацијата пред тргнувањето наликува на „преселба на народите“. Секое лето се повторува истата слика, а возачите мака мачат да го сместат багажот во предвидените бункери. На меѓународните релации, се случува во автобусот да има едвај десеттина лица, а да нема место во багажниците, бидејќи еден патник носи од 15 до 20 торби! И не дека се согласуваат со евидентниот проблем, но туристичките агенции и автопревозниците засега не размислуваат да го ограничат багажот слично како што тоа го сторија авиокомпаниите, оти велат дека не сакаат дополнително да си ја усложнат работата.

Од 1 јуни, српските патници што на летување патуваат со автобуси преку агенции, ќе можат да носат само еден багаж, односно куфер по седиште, тежок околу 23 килограми, но правилото не е обврзувачко. Од Националната асоцијација на туристички агенции на Србија (ЈУТА), викендов посочија дека е планирано дополнителниот багаж да се наплаќа по 30 евра по парче.

– Одамна размислуваме да го ограничиме багажот и тоа е сосема логично, ама мислам дека ако го направиме тоа, патниците ќе ни ги „ископаат очите“. Ова што се прави, не личи на ништо, да се влечат гајби со зеленчук и секој носи по неколку торби, како да се сели. Пред неколку години, дел од граѓаните што ги користеа претсезонските аранжмани, вареа мармалад или ајвар со „морски шмек“ на сметка на струјата кај газдите каде што престојуваа. Жив срам нè изеде. Многу европски држави не им дозволуваат на патниците во автобусите повеќе од една торба или куфер, а за секоја наредна наплатуваат по 30 евра. Видов дека тоа ќе го практикуваат и нашите српски колеги. Тоа значи дека ќе мора да се постави вага пред автобусот и додека едниот возач ќе ја мери тежината на багажот, другиот ќе го чекира. Мора да се научиме на ред, но тоа барам кај нас нема да се случи уште долго време – објаснува Дончо Нацев од „Арбо травел“ за нашиот весник. Тој укажува дека со години водат борба и со патниците што јадат сендвичи или грицкаат семки внатре во автобусите и дека тоа е најстрого забрането.

Домашните превозници не наплатуваат за екстра багаж, но ваквата идеја многупати им паднала наум. Тие сметаат дека потегот на нивните српски колеги е логичен. Ваквата ситуација би требало да се регулира во иднина, бидејќи полуоските на автобусите страдаат од преголемото оптоварување.

– Ние немаме проблеми во туристичките тури, но во меѓународниот сообраќај е друга приказна. Не можеме да се справиме со преголемиот багаж на турите за Италија, Германија или Хрватска, особено кога се оди во посета на гастарбајтерите. Имаме ситуација горе во автобусот да има едвај десетина патници, а долу во бункерите за багаж да нема место, оти некој понел од 15 до 20 парчиња, што торби, што кутии или куфери. Засега не ограничуваме, но сметам дека би требало да има законско решение – ни рече Масар Омерагиќ, сопственик на „Руле турс“.

 Сеничиќ: Одите на одмор, а не се иселувате од државата

Директорот на Националната асоцијација на туристички агенции на Србија (ЈУТА), Александар Сеничиќ, порача дека патниците треба да знаат дека според српскиот Закон за безбедност во сообраќајот е предвидена казна од 300.000 до 2 милиони динари за внесување куфери во кабината во која се превезуваат патници. Патниците, како што појасни, со себе секако можат да внесат еден рачен багаж во автобусот, а тоа е оној што може да се смести во просторот над седиштето.

„Тежината на багажот сигурно нема да се мери во грамови, но 23 килограми се сериозна тежина, особено кога одите на море, бидејќи не се иселувате од државата, туку одите на одмор“, рече Сеничиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот