
Во Украина пристигна опасната касетна муниција, „таа радикално ќе ја промени ситуацијата на бојното поле“, тврди украински генерал
Украина ја доби касетната муниција од САД, изјави денеска украинскиот генерал Олександр Тарнавски, пренесе Си-ен-ен.
Препорачано
„Само што ја добивме, сè уште не сме ја искористеле, но таа може радикално да ја промени ситуацијата на бојното поле, изјави Тарнавски за американската телевизија.
Генералот тврди дека Русија знае дека Украина со оваа муниција ќе има предност во војната.
„И непријателот разбира дека ќе имаме предност со оваа муниција. Непријателот ќе го отстапи овој дел од територијата каде што таа може да се употреби, тврди Тарнавски.
Тој посочи дека употребата на оваа муниција е забранета во густо населените области, дури и ако тие се под контрола на руските сили.
„Русите мислат дека муницијата ќе ја користиме во сите области на фронтот. Тоа е многу погрешно. Но, тие се загрижени“, рече украинскиот генерал.
Американскиот претседател Џо Бајден минатата недела објави дека донел „тешка одлука“ да одобри трансфер на касетна муниција во Украина.
Доналд Трамп ја осуди одлуката на САД да и испрати касетна муниција на Украина. Овој потег според поранешниот американски претседател може да доведе до Трета светска војна.
Касетната бомба е оружје што се распрскува во воздух и испушта повеќе помали „бомби“ на широк простор. Тие можат да се користат во форма на воздушна бомба, артилериска ракета или боева глава за крстаречка ракета. Бомбите се дизајнирани да се активираат при удар со земја и многу е веројатно некој во областа да биде убиен или сериозно повреден.
Канцеларијата на Високиот комесаријат за човекови права на Обединетите нации (ОХЦХР) во Женева го осуди планот, истакнувајќи дека меѓународната Конвенција за касетна муниција се обиде да го забрани оружјето. САД, Русија и Украина не ја потпишаа конвенцијата.
„Касетната муниција расфрла мали бомби на широк простор“, рече Марта Хуртадо, портпаролка на ОХЦХР.
„Тие убиваат и осакатуваат луѓе години подоцна по завршувањето на конфликтот“, нагласи таа.
Инаку и Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, се противи на употребата на касетна муниција
Конвенцијата забранува секаква употреба, складирање, производство и пренос на касетна муниција.