Бране Стефановски

Во спомен на спомениците и градоначалниците

Сите кандидати за градоначалник на Скопје се фатија за најбаналните проблеми– ѓубрето и сообраќајот, никој не кажува какво го замислува Скопје во иднина, дали има визија за враќање на модерната естетика или и натаму ќе го негува смешниот кич, дали не им текнува или немаат храброст?

Никој веќе не се занимава со спомениците од генијалниот проект „Скопје 2014“. На нивното присуство навикнавме како на здодевна краста, па ни епитетот Скопје – „европската престолнина на кичот“ никого веќе не го нервира, ниту некој се срами од него. Дури, огромен број од населението, што нивното присуство го гледа од политички аспект, се гордее со тие грдотии и плашила и вели дека се велелепни зданија што го сменија ликот на Скопје, односно дека се толкава атракција, што сите странци се тепаат да ги видат и дека од нивното гледање се остварувале не знам колкави девизни приходи. Убедените естети во својата хипноза не гледаат и не признаваат дека тие се ронат, паѓаат сами од себе, прокиснуваат, како Архивот, во кој се уништуваат важни документи и тапии за нашиот идентитет, што се бориме да го докажеме со разни декларации, црвени линии, преговарачки рамки, договори, анекси, протоколи, а кога ќе дојде моментот да ги покажеме, можеби најважниот, што го чуваме за крајниот удар во та борба, ќе го најдеме во канализација, однесен од поплавата на оваа институција.

Многу е чудно што никој од кандидатите за градоначалници на скопските општини не се осврна на ова прашање! Никој не гукна – дали нешто од тие грдотии ќе фрли на некое буниште за да го ослободи или да го врати узурпираниот простор, на кој, пред тоа, имаше зеленило, бидејќи еден од најтешките проблеми за градот е недостигот на зеленило, што значи природна филтрација на загадениот воздух. Порано, експертите, како проблем за струењето на чистиот воздух што се симнуваше од Водно ги наведуваа зградите од „градскиот ѕид“, а сега таа експертиза се фрла во кош, односно нивното мислење никој не го ни смета за релевантно.  

Во време на таа узурпација на зеленилото имаше луѓе што сесрдно предупредуваа на последиците од бетонирањето на градот, кое сега го зема данокот во крв: 4 илјади лица, млади, стари, годишно умираат од последиците на загадениот воздух во главниот град на најсиромашната земја во Европа, на најнеобразованото население, кое, ако направите анкета на плоштадот, не верувам дека ќе се најде некој да ви одговори кој е Цар Самуил, кој е Јустинијан, за кои македонски триумфи е изградена Триумфалната капија, кој е коњаникот на коњот на кого му гледаме право во чмарот, зошто зградата на ЕСМ е со таква чудна фасада, зошто го нема споменикот на Григор Прличев, зошто Ченто е потпрен со дрвено трупче под капутот, дали некој се сеќава на нашето легендарно корзо и на дрворедот по неговата должина, дали некој се сеќава на широчината на плоштадот и на комоцијата на пешаците…?

Никој во оваа кампања за локалните избори, ни да го спомне Вардар („…Ој Вардаре македонски…“), особено не грдотиите што нивниот творец ги нарече „галии“, што ја  затнаа реката, околу кои се собира невидено ѓубре, кои горат и за кои никој не знае за што служат, некои велат дека биле ресторани, ама прашање е дали ги задоволуваат прописите и условите за работа на угостителски објекти.

Сите кандидати се фатија за условно речено баналните проблеми на градот: превозот и ѓубрето и тоа е највисокиот дострел на нивната идејна креативност. Никој целта на своето гледање не ја постави далеку на хоризонтот, па и зад него, и не кажува како го замислува Скопје во далечната иднина, демек „мене ме интересираат само четирите години од мојот мандат“, дали има шанса нешто од тоа тотално уништеното да се поправи, па и да се урнат некои згради што го затворија просторот, што го огрубеа градот, што ги избришаа сите спомени на убавото и функционално Скопје, еден од најубавите нови градови во Југославија, иако Македонија беше најмлада држава со составот на тогашната заедничка држава. Никој изгледа нема амбиција да го надмине легендарниот градоначалник Јосиф Михајловиќ (градоначалник на Скопје од 1929 до 1936, потоа во 1939 до 1941 година).

Имаше еден генијалец, Јапонец, Кензо Танге, кој веднаш по земјотресот 1963 година долета во Скопје, направи идеен план и им го претстави на тогашните урбанистички власти кои ја сфатија идејата и почнаа, во соработка со стручната фела, да го планираат просторот и урбанизмот, а архитектурата почна да се движи во модерен стил, многу близок до идејата и предложениот стил на Танге. Се разбира дека јапонскиот гениј не можеше да седне и да проектира згради, но тој ни го покажа правецот во урбанизмот и во архитектурата по кој пеплосаното Скопје треба да се гради за да стане уникатен во светот. Наместо тоа, Скопје навистина стана уникатен град во светот во својот невкус, изопачен и недефиниран „стил“ излезен од главата на фантазери со прикриени парични интереси, чии кривични дела законски застареа и никој не одговараше.

Така Скопје од најубав, стана најгрд град, таков и ќе остане. Ваквите грешки не можат да се поправат, бидејќи ќе чинат поскапо од милијардата потрошена за неговото уништување, а освен тоа ниедна светска депонија нема да може да го собере шутот од уривањето на грдите зданија. Да се врати Скопје на состојбата од пред почетокот на градењето на „СК 2014“ е невозможно. Тешко е да се сфати дека од овој конц-логор нема излегување, нема спас!

Секој нема умствен капацитет да направи разлика меѓу вистинската естетика и кичот, тоа зависи од многу фактори, како – образованието, изградениот вкус, природниот талент да се раздели убавото од грдото, од уметничката надареност итн., па таквите се одушевуваат до физичката големина на грдотијата, која навистина е голема и одвратна. Ако мисли некој поинаку, нека прошета под квазибарокните фасади, околу старо-новиот театар (МНТ) само нека внимава да не му падне стиропорна табла што изигрува мермер, донесен од македонските антички колонии.   

Некои инаетчии велат дека барем со „СК 2014“ се изградило „нешто“! Дотогаш не било изградено ништо!? Тие што разбираат прашуваат, а што требаше повеќе да се изгради во центарот, во кој сè беше како што треба, по сите правила на соодносот меѓу станбената површина и зеленилото по глава на жител. Подобро да не се изградеше ништо, да останеа јасно да се гледаат новите градби на модерната архитектура, а најмногу од сѐ да не се дозволеше Скопје да се пренатрупа.

Дали сите се помирија со грдотијата и со срамот што ни го нанесе „СК 2014“. Ние постарите тоа го носиме како неизлечива болка, токму поради тоа што таа убавина беше уништена од манијакални и лукративни мотиви, штета нанесена со еден единствен потег, како Сталин што ја кроел воената стратегија на глобус.

Во сиот тој занес на генијалноста, никому не му текна да направи јавно WC во центарот на градот, дури јавното WC, што беше на местото на сегашниот хотел „Мериот“ беше многу покорисно за граѓаните од сегашното чудовиште во кое обичниот човек се плаши да ѕирне, а не да влезе. 

Затоа, многу поголема тежина на својата кандидатура ќе имаше некој од кандидатите што ќе го поставеше тоа прашање во својата изборна програма, барем на митинзите да каже што ќе се прави со грдотиите на градот, односно како да се направи градот убав (…пак ќе никне…), дали навистина пак ќе никне или ќе се дави во сопствениот измет, дали има вистински решенија за град што се пренасели, а сите други комунални системи останаа со ист капацитет, снабдувањето со вода, количината на отпадот. Зарем никому не му текна дека со зголемувањето на бројот на жителите ќе се зголемат и висината и содржината на буништата.         

Вака, сите кандидатури изгледаат здодевно, безидејно, дефетистички, како некој да има страв барем да вети дека ќе се зафати со вистинските проблеми на градот, меѓу кои и прашањето: за кого се градат толку станови и кој го дозволува натамошното задушување на градот. Ако има таков „маж“ – да го гласаме!

Анторис

(Авторот е новинар)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот