Фото : Архива

Во Скопје има 12 скривници, ама само пет веднаш употребливи

Дванаесет големи засолништа во случај на елементарна непогода или војна има во главниот град на земјава, а околу сто низ целата земја, но само пет се целосно реновирани и подготвени за употреба, велат од Дирекцијата за заштита и спасување, која стопанисува со нив. Скопските засолништа се наоѓаат во општините Гази Баба, Карпош, Кисела Вода, Центар и Чаир.

До 2005 година со скривниците стопанисуваше Министерството за одбрана, а оттогаш со одлука на Владата се префрлени во надлежност на Дирекцијата за заштита и спасување.

– Од 12 засолништа во Скопје, реновирани се пет и се оспособени доколку има потреба да се користат. Во случај на воена криза и во секаква вонредна состојба, се мобилизираат нашите тимови што излегуваат на терен и го упатуваат населението, односно го евакуираат во засолништата – нагласуваат од ДЗС.

Постојат и помали засолништа во станбени згради, кои се во надлежност на куќни совети или управители. Дел од овие засолништа им се издадени на приватни лица за разни намени, а на интернет има и огласи за нивна продажба. Сопственик на скривница од Битола вели дека лесно ја продал за три евра по квадрат.

Засолништата низ Македонија во најголем дел се запуштени, обраснати со дрвја и полни со смет. Во случај на вонредна состојба, луѓето нема да можат да ги користат. Дел од градското засолниште во Струмица станало уметничка галерија, а во Штип во засолниште се влегува преку кафуле. На повеќе места скривниците се изнајмени за магацини или за сали за вежбање.

Од ДЗС велат дека ниту една од скривниците што е во нивна надлежност не е дадена под закуп, туку само помали засолништа, кои се сопственост на станбени згради. Давањето под закуп не е спротивно на Законот за заштита и спасување, но обврска на закупците е да не изведуваат градежни зафати што ја нарушуваат основната функција на скривниците и мора во услови на криза да ги вратат во првобитната состојба во рок од 48 часа. Според правилата за одржување на изнајмените засолништа, тие треба да се контролираат најмалку на секои три месеци.

Системот за тревожење исто така не е во најдобра состојба. Тој е релативно стар, поставен пред 50 и повеќе години. Во Центарот за управување со кризи, кој е задолжен за неговото одржување, велат дека во земјава се поставени приближно 200 сирени за тревожење. Околу 80 проценти од нив се исправни, но поради застарената технологија и техника, исклучени се од електрично напојување, велат од ЦУК. Останатите, околу 40 сирени, се во дефект, искршени или украдени од несовесни граѓани, велат од ЦУК.

Станиците на метрото во Киев станаа импровизирани засолништа, луѓето го напуштаат главниот град на Украина

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот