
Во потрага по државата
Народот не е должен да знае во чија надлежност се овластувањата, тој секогаш инстинктивно и логично бара државата да го заштити и таа мора да одговори на сите негови потреби и проблеми. Државата на граѓаните им треба како животна супстанца, како лебот и водата, а неа ја нема.
Од економски аспект, продукт што најмногу се бара во последниве 35, особено во последниве години, на нашите домашни рафтови е – државата. Никаде не можете да ја најдете на домашниот пазар, затоа се иселивме да најдеме држава каква што ни треба и која ќе биде по наш граѓански вкус и потреби, а не криминална, бајата, валкана, заостаната, недефинирана, бесцелна, непродуктивна и бесперспективна.
Препорачано
Огромен број ја најдоа далеку од сопствениот дом и огниште, затоа што кај нас веќе не се ни произведува, кај нас се произведува само имитација на некаква Тему држава, како детска сложувалка, чии делови во секој момент можат да се прередат по желбата и потребите на тие што ја местат.
Така, ако ја побарате на гондолата на образованието – државата ја нема, нема ни учебници, нема ни ученици, нема ни задоволни наставници. Има хиперпродукција на дипломи, а нема знаење и стручност.
На гондолата на јавното здравство исто така ја нема во својата мисија за евтино и сенародно лекување, во кое има само афери за криминал токму за болните од најтешката болест. На пациентите им се покажува правецот кон приватните тезги на кои услугите чинат повеќе од нивниот целокупен имот. Ја нема да превенира и да ги провери лажните срцеви операции, напротив – ги финансирала.
Ја нема во пожарите на болниците и во дискотеките со огромен број жртви, по кои секој би се потурил со пепел и не би се појавил со листа на избирачките места.
На тезгата на безбедноста – ја нема: секојдневно убиства, сообраќајни трагедии, (последните пет години 707 човечки жртви и над 38 илјади повредени во сообраќајни несреќи).
Ја нема во превентивата – секојдневни пожари во ризични магацини, во шумите, во загадениот воздух – 4 илјади жртви годишно. Од 2020 до 2024 се изгорени 135 илјади хектари шума, што е неславен рекорд на Балканот и во Европа, со човечки жртви.
Државата ја нема во заштита при грабањето туѓи имоти по основа на сопствените грешки во деталните урбанистички планови. Граѓаните се уплашени од веројатноста дека денеска може секој силеџија да ви чукне на вратата и да ве истера од вашиот дом, тврдејќи дека е негов, каков што беше случајот со узурпирањето на плацот на Шапка.
Државата ја нема во Чаир, во Охрид, меѓу дивоградбите и во водите во кои само уште малку жив свет има останато.
Државата ја нема да ѝ помогне на науката во создавањето сопствени патенти и иновации. Државата се определи да увезува, наместо да произведува, така е полесно – за сè!
Држава која, наместо да создава услови за нови работни места, толерира 40 проценти од БДП да течат низ дупките на фискалните сита, признава дека толерира сива економија, а сивата боја е комбинација меѓу белата и црната.
Градењето цркви и џамии не е замена за нејзините функции, тоа е само капка во пијанството. Државата е должна да ги гони криминалците, a не политичките неистомисленици, така е и по принципите на Христовото евангелие, а не да ги сече фиданките во кои сите имавме право да се надеваме дека еден ден ќе застанат рамноправно во светската дипломатија.
Затоа, сега државата ја нема на патеката за спринт кон ЕУ, кон Шенген зоната и кон еврото како домашна валута, заглавена во некои стари митови и инаети.
И дијаспората е во потрага по државата, но не може да ја најде меѓу прашањата што се однесуваат на нашите иселеници.
Таа се појавува само на сцената, но во нашите животи ја нема никаде, ни за арно, ни за лошо!
За сите овие потреби, за да ја има, граѓаните секојдневно тураат во една каса, но не го добиваат тоа за што плаќаат, во ниедна сфера од животот. Никој не бара од неа да се задолжува со грдни милијарди, сите бараат праведна и чесна распределба на нашите сопствени заштедени пари што ѝ ги даваме да ги економисува. Наместо да застане во одбрана на нашиот буџет, таа го краде, се расфрла со него на луксузни коли и производи. Произведува само отпад што не може да го менаџира, или други отровни производи што никој не би можел да ги јаде, како стиропорот на пример.
Во вакви услови, се случува еден светски феномен: ако сите ја бараат, наместо да ѝ се зголемува вредноста, кај нас ѝ се намалува во очите на нејзините сопствени граѓани, а јакне во очите на тие што се тепаат да ја освојат. Затоа државата нема авторитет, ни дома ни во странство.
Мала и бледа е надежта дека нашата држава може да застане на нозе по сите години на уривање на нејзините носечки столбови со копачите на погрешни и некомпетентни кадри.
Пред нас е историска шанса барем малку да се исправи нешто. „Купувачите“ се прашуваат со каков квалитет е стоката што е понудена, за која нема никаква гаранција, освен декларативна. За нас останува само интуицијата во изборот, зашто веќе никој не знае кој со која супстанца е мешан, со која легура е комбиниран, многу супстанци од едно соединение се прелеаја во друго, па така се измеша рецептот за квалитет на таквиот челик. Така, никако да се препознае државата која е изгубена во својата измешаност на материјалите, во својата измешаност во структурата, во етничката застапеност, во самоволието на силите што градат, а не прашуваат, во контролата на целата територија на земјата, во поделеноста на енклави, иако тие не се официјално разграничени, ама државата што не постои се прави наудрена.
Иако се напишани бројни дефиниции, за нас „државата“ не значи ништо, сите ја критикуваат, а всушност со поимот „држава“ никој не е засегнат. Ако како синоним на државата не се спомне одредена личност, партија или коалиција, таа е имагинарен поим со кој само паушално се бара одговорност.
Навистина, дали некој се потресол од тоа што сиот обичен свет вели дека немаме држава и се прашува до каде нѐ дотераа, или како ни беше порано, како е сега?! Дали никој не се зафати за работата за која е избран, или сите се дадени во трката за тендери. Ако „купувачите“ во сите анкети тврдат дека државата ја нема на тезгите, значи дека во нивната мисла и надеж таа не постои, дека носителите на државните функции се вишок, непродуктивен баласт, трошок што ја јаде материјалната и духовната национална супстанца. Ако нешто што ја јаде супстанцата се остави да ја јаде, тогаш целата фирма банкротира и оди во стечај.
Стечајот значи расчистување на сметките, но проблемот е колкава и каква е стечајната маса, колку е однесено надвор или внатре, колку и кога нејзините доверители – граѓаните, можат да бидат обесштетени?
Затоа треба да се излезе и да се види што нуди пазарот. Не е препорачливо емотивно врзување за излитените брендови што никогаш не го подобриле вкусот, што останале на простите супстанци, шеќер и лаги, треба да се бара нешто без глутен, без конзерванси, без отровни материи и задолжително да се гласа – тоа е суштината на нашето политичко постоење. Ако „купувачите“ не покажат каков производ бараат, старата понуда само ќе ги труе и никогаш нема да го подобри квалитет, потпирајќи се секогаш на нивниот лош вкус.
Анторис
(Авторот е новинар)
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“