
Во Општина Јегуновце ќе се отвори административна канцеларија за услуги
Граѓаните на Општина Јегуновце наместо да патуваат во Тетово ќе добијат административна канцеларија за услуги каде ќе се издаваат документи како уверение за државјанство, уверение за податоци за стажот на осигурување, образец м1/м2 од пријава/одјава во задолжително социјално осигурување, историјат на работни однос, потврда дека не е изречена прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност, податоци на физички лица од кредитниот регистар и други.
Препорачано
Ова го договорија денеска министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски и градоначалникот на Општина Јегуновце, Димитар Костадиноски кои потпишаа меморандум за соработка за канцеларија „Една точка за услуги“ (ЕТУ) во Општината Јегуновце.
Околу 10.000 жители на Општината ќе можат брзо и лесно да дојдат до потребните документи или барем таква беше замислата за отворање на дисперзирани административни канцеларии, проект кој е делумно неуспешен.
– Еден од аспектите е дека несоодветно биле поставени на локации, што значи не им се блиски за граѓаните. Вториот аспект е дека не ги нудат услугите што граѓаните ги бараат најмногу. И третиот аспект е непознавањето. Граѓаните не се запознавани дека има вакви точки за услуги. Идејата моја е – од постоечката инвестиција, да направиме две. Што значи дека не инвестираме нови средства во овие нови точки за услуги, тука од постоечките ресурси коишто ги имаме, опрема, компјутери, поврзувања, вработени, ние правиме две точки за услуги, затоа што фреквенцијата на луѓе не е толку голема да имате 8-9 вработени во една точка за услуги и можеме делот од тие вработени да ги преместиме на места коишто се поблиску до граѓаните и коишто ќе им бидат пристапни. Оваа локација им е позната на граѓаните мислам дека се повеќе и повеќе ќе ја користат, одговори министерот Андоновски.
Тој рече дека дигиталната трансформација значи и дека ниту еден граѓанин нема биде исклучен, туку напротив, на ваков начин секој ќе ги почувствува придобивките од услугите.
– Според извештајот на Државниот завод за ревизија, овие канцеларии издале многу малку документи. За една година се издадени само 1.062 документи, а во Тетово само 7 граѓани месечно ги користеле услугите. Со новите канцеларии, трошоците се оптимизираат, а услугите се доближуваат до граѓаните, рече министерот.
Андоновски додаде дека Владата прави конкретни напори за подобрување на перформансите и на канцелариите „Една точка за услуги“, кои беа отворени во Скопје, Куманово, Охрид и во Битола кои не биле ефикасни заради непостоењето на систематичност и рационализација.
За градоначалникот Димитар Костадиновски канцеларијата во Јегуновце треба да биде пример и во иднина другите ресорни министерства и другите надлежни институции на ваков начин да се доближат до граѓаните и да им се решаваат дневните проблеми што поедноставно и побрзо.