
Во образованието вишок се 3.000 наставници, но за сите ќе има работа и повисоки плати, вети Јаневска
Задоволна од сработеното во првите сто дена во ресорот образование и наука, министерката Весна Јаневска најави дека ќе продолжат да работат со истото темпо и посветеност со цел да се подобри квалитетот на националниот образовен систем.
Препорачано
Над милион учебници беа дистрибуирани на почетокот на оваа учебна година за сите ученици и училишта, а учебници по странски јазик ќе има за идната учебна година, вети Јаневска. До крајот на годината се очекува и покачување на платите на наставниците, но неизвесно е дали тоа ќе биде за очекуваните 12 проценти или пак за помалку.
– Сè уште сме во фаза на преговори и очекувам во брзо време да постигнеме договор и тој ќе биде сериозен, повеќегодишен договор, според барањата на МОН. Сè уште разговараме за можностите во буџетот, но она што СОНК го бара мислам дека ќе можеме да го изреализираме со текот на времето и годинава ќе имаме покачување на платите на наставниците. За разлика од пред неколку месеци кога можностите беа речиси исцрпени, сега веќе се појавуваат можности за покачување на платите на наставниците – рече министерката Јаневска и додаде дека покачување на платите во овој период добиле универзитетските професори.
Според Јаневска, иако во образовниот систем сега има вишок од 3.000 наставници, поради иселувањето за седум години има 17.000 ученици помалку, но со реорганизација и со доследно воведување на едносменска и целодневна настава до петто одделение во сите училишта низ државата за нив ќе има поголем ангажман од што пак децата ќе имаат корист во стекнување на нови знаења и вештини. МОН со Светската банка работи на проект за доградба на училници во некои училишта за да се реализира едносменската настава, а во општините Чаир, Аеродром и во некои други училишта низ држававата каде недостасуваат и по 15 училници, со соработка со локалната самоуправа ќе се планира изградба на нови училишта.
– Имаме места каде што имаме паралелки од по 4-5 ученици и тоа значи дека тие деца не се социјализираат, нема со кого да се натпреваруваат, тие деца се во затворен круг без да примаат современи, модерни информации обично лоцирани во една рурална средина и во едно издвоено училиште. Потребна е оптимизација, односно подрачните училишта со по неколку ученици да се припојат на централните и се разбира наставниците да тргнат кон централните. Факт е дека нема ученици, иселувањето е преголемо во Македонија, а резултатите и на овие што ги имаме се минимални. Сметам дека овие 3.000 наставници може да ги искористиме, не да ги отпуштиме и уште полошо да ни биде образованието, туку да ги искористиме со дополнителен ангажман, ем да не останат без работа, ем квалитетот на образование да се подобри – рече Јаневска.
Министерката појасни дека за таа цел училишниот ден наместо да трае од 8 до 11 часот, да продолжи до 16.30 часот, а наставниците кои имале од 5 до 7 деца во подрачните училишта да работат во нормална паралелка од 20 – 30 деца кои ќе имаат повеќе наставни и воннаставни активности, да стекнат повеќе знаења и вештини, да читаат и пишуваат со разбирање и логично да размислуваат за науките.
-Државата ќе мора да создава услови за едносменска настава и за целодневна настава првенствено за да го подобриме квалитетот, да ги ресоцијализираме децата и затоа што секаде во светот така се работи. Ако сакаме да постигнеме успех мора да се прилагодиме мора да учат многу информатика, мора да се запознаваат со модерните технологии. Тие ќе имаат печатени учебници, зошто нас ни се неопходни и таква ни е во моментот ситуацијата, но не значи дека не треба да се запознаваат со новите методологии и технологии. Идејата е таа и мислам дека сите ја одобруваат и наставниците и родителите и стручна јавност. Најмал проблем се наставните планови и програми, може да ангажираме странски ескперти да ги подготват, но наставниците се тие што треба да ги спроведат, а децата да ги восприемат и треба да им овозможиме услови до крајот на мандатот сите да бидат во едносменска настава и сите до петто целодневна настава – децидна е министерката Јаневска.
Таа вети во наредниот период и поголеми средства за науката и поголем буџет од идната година за научните институции, а со крајот на мандатот на оваа влада сигурно ќе почне, ако не и заврши изградбата на новите згради на ФИНКИ и Факултетот за физичка култура, откако ќе се комплетира документацијата и проблемите кои се појавија во текот на изградбата на двете факултетски згради. За студентите етапно ќе се реконструираат и државните студентски домови, а во тек е реконструкција во „Кузман Јосифовски Питу“ и во домот „Стив Наумов“. Во овој тримесечен период се менува и законската регулатива за основно, средно, средно стручно образование и обука, како и за возрасни и националната рамка за квалификации.
Проектот пак кој вчера го најави премиерот Мицкоски со новиот буџет – ваучери во вредност од 250 евра за електронски уреди за сите студенти во Македонија, рече Јаневска нема да оди преку МОН, туку преку Агенцијата за спорт и млади или Министерството за дигитална трансформација.