
Во новата Ботаничка градина ќе се засадат 4600 дрвја и садници
Екипи на јавните претпријатија „Паркови и зеленило“ и „Улици и патишта” работат на уредување на новата Ботаничка градина, лоцирана во Зоолошката градина. На простор од 12.600 квадратни метри ќе бидат засадени повеќе од 4.600 уникатни дрвја и садници, ќе се постави нова урбана опрема, видиковци и бројни други содржини за посетителите.
Препорачано
Ботаничката градина ќе биде ново зелено катче за одмор и рекреација на посетителите, но и за прикази на ретки или необични растенија, едукативни часови од ботаничари, хортикултуристи и градинари, како и настани за најмладите генерации. Овој претходно празен и неуреден простор ќе биде природен спој меѓу Зоолошката градина и Градскиот парк, а нејзиното уредување ја збогатува нашата понуда во рамки на кандидатурата на Скопје Европска престолнина на културата 2028 – истакна градоначалничката Данела Арсовска, која беше на увид на работите во Ботаничката градина.
Уредувањето на градината се одвива етапно во фази, екипите на ЈП „Улици и патишта” работат на изградба на пешачките патеки, додека екипите на ЈП „Паркови и зеленило” поставуваат хидрантска мрежа и систем за наводнување пред целосно зазеленување на просторот.
Во градината ќе се засадат автохтони видови растенија кои се природно распространети во Македонија, но ќе има и алохтони видови – растенија донесени однадвор. Ќе се засадат и ендемични растенија кои што се специфични само за Македонија.