
Во кафеана веќе не се влегува- гостите пеат од мака кога ќе го добијат цехот
Дел од угостителите велат дека нема поента да се споредува трошокот за подготовка на храната во домашни услови со цените во рестораните. Аркан Керим, претседател на Туристичко-угостителската комора, за „Слободен печат“ вели дека цените на храната во скопските ресторани се главно дизајнирани за странските гости, но и вака конципирани тие се најниски во однос на регионалната ресторанска сцена
Хамбургер што чини 450 денари, пица до 750 денари, десет ќебапи – 400 денари, разни видови печено месо до 2.500 денари за килограм, полнет домат со кромид – 400 денари, салата од кисела зелка по цена од 250 денари… цените на храната во македонските ресторани не се за секого, а најголемиот дел од граѓаните велат дека веќе не се влегува во кафеана. Онлајн менијата на некои ресторани покажуваат дека цената на една шопска салата се движи до 240 денари, додека јадењата на скара чинат меѓу 280 и 900 денари.
Препорачано
Порција помфрит отиде над 150 денари, додека разните мезиња, кои се состојат од сирења, ајвар, похувани тиквички или модри патлиџани одат и до 1.000 денари. Парче леб чини најмалку 30 денари, иако главно се служат лепињи од 40 денари, па сè до популарната нафора од 200 денари, што во суштина е леб потпечен на скара, наросен со малку сирење.
Дел од угостителите велат дека нема поента да се споредува трошокот за подготовка на храната во домашни услови со цените во рестораните.
Исто така, колку што е подобра екипата во одреден угостителски објект (готвачите, брзината и квалитетот на порциите, како и брзината на услугата), поголеми се шансите за повисоки цени. Сепак, сите се согласни дека во внатрешноста на земјава има одлични ресторани со цени што се под оние што владеат во Скопје.
Аркан Керим, претседател на Туристичко-угостителската комора, за „Слободен печат“ вели дека цените на храната во скопските ресторани се главно дизајнирани за странските гости, бидејќи главниот град е најпосетуван од нив. Но, сепак тврди дека и вака конципирани, тие се најниски во однос на регионалната ресторанска сцена и дека едно четиричлено семејство може да има солиден оброк за околу 50 евра. Главната вина за поскапените кафеански услуги тој ја лоцира кај зголемените плати за готвачите и за келнерите, кои се прелеваат во менијата.
– Годинава за првпат имаме помал сезонски одлив на кадарот во регионот, бидејќи речиси се изедначени примањата што дома ги добиваат келнерите и готвачите, а тука е и солидниот бакшиш. Угостителите сфатија дека мора да ги задржат оние членови што придонесуваат за зголемениот број на гости, квалитетната храна и солидната услуга. И тоа се прелеа во цените на храната, значи врз гостите. Но, сепак сме поевтини од другите земји во регионот кога станува збор за седнувањето и за јадењето во кафеана – објаснува Керим.
Инаку, храната носи најмногу пари во угостителството и од неа на крајот на 2023 година бил направен промет од над 10,3 милијарди денари, што е пораст од речиси 40 отсто во однос на 2021 година, покажува Статистичкиот годишник за 2024 година. Македонците и нивните гости трошат најмногу пари на безалкохолни пијалаци (повеќе од 968 милиони денари) и речиси идентично за кафе над 923 милиони денари). Добар промет е направен и од пивото – речиси 900 милиони денари, што е нешто помалку од сумата за испиените ракии и други жестоки пијалаци (1 милијарда денари).
Според Државниот завод за статистика во јули годинава, цените на храната во рестораните се зголемиле за 8,1 отсто во однос на просекот од 2024 година. Најмногу поскапеле салатите за дури 15,3 отсто, па печените меса и јадењата по порачка (6,5 отсто), топлите и ладните предјадењето имаат скок од 13,9 отсто, варивата од 11,5, алкохолните пијалаци со 8,2 отсто, додека кај лебот поскапувањето е само 1,3 отсто.
За три години – тројно помалку кафеани!
По пандемијата работите во угостителството тргнаа по надолна линија и според статистичките податоци тројно е намален бројот на кафеани во земјава. На крајот на 2023 година ги имало само 68, за разлика од 2021 година кога нивниот број бил 141!
Од македонското угостителско милје исчезнале и слаткарници, ќебапчилници, чајџилници и пицерии. За три години – од 2021 до 2023 година – се затвориле дури 100 слаткарници, педесетина ќебапчилници и чајџилници и педесетина пицерии! Така, во 2023 година во земјава имало само 34 специјализирани дуќани за слатки за разлика од 2021 година, кога биле дури 133. Ако пред две години ќебапи служеле 82 локали, сега тој специјалитет на менито го имаат само 30, а од некогашните 62 чајџилници, сега постојат само 5. Во 2021 година во земјава имало 96 пицерии, една година подоцна се отвориле уште две, но на крајот на 2023 година, нивниот број се свел на 49.