Фото: IMAGO / imago stock&people / Profimedia

ФОТО | Во Југоисточна Азија пронајдени најстарите мумии на светот, илјадници години постари од египетските

Во Југоисточна Азија се пронајдени најстарите мумии, кои се дури 7.000 години постари од египетските. Станува збор за тела кои биле сушени со чад, а пронајдени се свиткани и згрчени. Меѓу нив е и скелет на маж стар повеќе од 9.000 години, наведуваат истражувачите во најновата студија објавена во Зборникот на трудови на Австралиската национална академија на науките, пренесува „Саенс њуз“.

Археологот Сјао-чун Хунг од Австралискиот национален универзитет во Канбера и други истражувачи наведоа во студијата дека најверојатно станува збор за ловци-собирачи кои ги населувале јужна Кина и Југоисточна Азија и островите пред околу 12.000 до 4.000 години. Тие имале обичај мртвите да ги врзуваат во згрчени позиции, а потоа полека да ги сушат на чад по неколку месеци.

Како што е наведено, ова продолжено сушење на телото со чад пред погребување претставува форма на мумификација која историски е забележана меѓу австралиските староседелски заедници, па дури и денес во некои делови на Нова Гвинеја.

Се додава дека мумификацијата со сушење со чад можеби се развила од древни верувања кои се фокусирале на зачувување на телата на предците. Хунг се сомнева дека овие верувања се прошириле низ Јужна Азија, а можно е и во североисточна Азија, откако човечките групи мигрирале од Африка пред околу 60.000 години.

„Фактот дека мумификацијата со сушење со чад се проширила на толку огромно подрачје и опстанала повеќе од 12.000 години меѓу автохтоните групи е извонреден“, рече Хунг.


Јужноамериканскиот народ Чинчоро, кој живеел во крајбрежната пустина, развил техники за мумификација пред околу 7.000 години. Тие процедури вклучувале отстранување на внатрешните органи и мозокот, пред телата да бидат оставени на пустинското сонце за да се исушат.

Се наведува дека употребата на смоли и други супстанци за балсамирање кај Египќаните за мумификација на мртвите се појавила пред околу 6.330 години.

Групата на Хунг проучувала скелети на поединци закопани во цврсто згрчени или чучести положби на 95 локации, многу од нив во Југоисточна Азија, а други на блиските острови, вклучувајќи ги Борнео и Јава.

Во некои случаи, на черепот или другите коски се забележани изгореници.

Истражувачите наведуваат дека неправилното ојагленување на коските и внимателното поставување на претежно недопрените скелети укажуваат на тоа дека луѓето полека ги загревале телата на мртовците над огнови со чад, што ја сушело и мумифицирало кожата на телата, помагајќи скелетите да не се распаднат.

Лабораториските техники за одредување на внатрешната молекуларна структура на коските, применети на 54 скелети од 11 локалитети, дале докази за продолжено загревање на ниски температури.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот