НБРСМ / Фото: ,,Слободен печат'' / Драган Митрески

Во јануари годишен раст од 11 отсто на банкарските депозити

Вкупните депозити во банките во јануари на годишно ниво бележат зголемување од 11%, во поголем дел поради растот на депозитите на домаќинствата, но и на корпоративниот сектор. Вкупните кредити, пак, бележат раст од 11,3% како резултат на растот на кредитирањето кај двата сектора, со поизразен придонес на корпоративниот сектор, соопшти Народната банка.

– Во јануари 2025 година, паричната маса е намалена за 1,6% на месечна основа, пред сè како резултат на падот на депозитните пари, при негативен придонес и на краткорочните депозити и на готовите пари во оптек. На годишно ниво, паричната маса бележи зголемување за 9,1%, поради растот на депозитните пари, долгорочните депозити до две години, готовите пари во оптек и краткорочните депозити.

Вкупните депозити во јануари бележат месечен пад од 1,3%, во целост како резултат на намалените депозити на корпоративниот сектор, додека депозитите на секторот домаќинства се зголемуваат. Споредено на годишно ниво, вкупните депозити остварија раст од 11,0%, којшто во поголем дел се должи на зголемените депозити на секторот „домаќинства“, при позитивен придонес и на депозитите на корпоративниот сектор.

Вкупните кредити, во јануари, се намалени за 0,1% на месечна основа, како резултат на падот на кредитирањето на корпоративниот сектор, при раст на кредитите на „домаќинствата“. На годишна основа е забележан раст од 11,3%, којшто се должи на зголеменото кредитирање кај двата сектора, со поголем придонес на корпоративниот сектор.

Во јануари, вкупните депозити на корпоративниот сектор бележат пад од 5,0% на месечна основа. Надолната промена произлегува од падот на депозитните пари, како и од падот на краткорочните и долгорочните депозити во странска валута, во услови на раст на долгорочните и на краткорочните депозити во денари. На годишна основа, остварен е раст од 5,7%, којшто се должи на растот на депозитите на сите компоненти, со поголем придонес на краткорочните и на долгорочните депозити во денари, при раст и на краткорочните и на долгорочните депозити во странска валута и на депозитните пари.

Кај кредитите на корпоративниот сектор е забележано намалување од 0,4% на месечно ниво, како резултат на падот на кредитите во денари, додека кредитите во странска валута бележат раст. Кредитите на корпоративниот сектор се зголемени за 14,2% на годишно ниво, во целост поради зголеменото кредитирање во денари.

Вкупните депозити на домаќинствата, во јануари бележат месечно зголемување за 0,2%. Притоа, промената се должи на растот на долгорочните и на краткорочните депозити во денари и во странска валута, во услови на пад на депозитните пари. Годишниот раст изнесува 14,2% и произлегува од повисоките депозитни пари и долгорочните депозити во денари и во странска валута, при пад на краткорочните депозити во странска валута и во денари.

Кредитите на домаќинствата бележат месечен и годишен раст за 0,2% и 8,8%, соодветно, во поголем дел поради зголеменото кредитирање во денари, при раст и на кредитите во странска валута.

Во јануари, гледано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, кај потрошувачките кредити, како најзастапена категорија, е остварен месечен пад од 0,3%, при годишен раст од 8,4%, додека станбените кредити се зголемени за 0,5% и 12,7% на месечно и на годишно ниво, соодветно. Овој месец, автомобилските кредити бележат месечен и годишен раст од 0,7% и 5,1%, соодветно. Во јануари, кај кредитите одобрени на кредитни картички е забележан пад од 1,1% и 9,0% на месечно и на годишно ниво, соодветно. Кај негативните салда на тековните сметки, овој месец е остварен месечен раст од 11,4%, при годишен пад од 4,6%, додека кредитите одобрени врз други основи се намалени за 1,2% и 10,2% на месечна и на годишна основа, соодветно, се наведува во соопштението од Народната банка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот