
Во Франција се најавени собири низ целата земја, се очекуваат помеѓу 600.000 и 900.000 демонстранти
Во Франција, за денес се најавени 250 собири по повод Денот на социјалната мобилизација, а се очекуваат помеѓу 600.000 и 900.000 демонстранти низ целата земја, јавуваат француските медиуми.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Според проценките на француското Министерство за внатрешни работи, се очекува денес во Париз да протестираат помеѓу 50.000 и 100.000 луѓе, јавува BFM TV.
Синдикатите најавија масовен одѕив на едукатори, студенти, транспортни работници, таксисти и работници во индустријата, додека речиси 80.000 полицајци ќе бидат распоредени за да обезбедат јавен ред и да спречат немири.
Францускиот министер за внатрешни работи Бруно Рејтаљо рано утрово извести за „обид за блокади“ во парискиот регион, особено автобуските станици во Обервилие и Сен Дени.
Прекини во јавниот превоз беа пријавени во неколку поголеми градови низ земјата, вклучувајќи ги Лион (трамвај, автобус), Марсеј (автобус), Лил (метро, трамвај, автобус), Тулуз (метро, автобус), Бордо (трамвај, автобус), Нант (трамвај, автобус) и Стразбур (трамвај, автобус), според BFM TV.
Ретаљо претходно испрати телеграма до префектите низ цела Франција во која ги наведе насоките и целите за обезбедување на јавниот ред за време на претстојните протести.
Тој конкретно предупреди на потенцијални закани од ултралевичарски групи кои би можеле да се обидат да се инфилтрираат во официјалните демонстрации, нагласувајќи дека постои „значаен ризик од нарушување на јавниот ред“.
Францускиот министер побара од префектите да ја гарантираат „фундаменталната слобода на демонстрации“ со задолжително обезбедување ред и мир.
Тој ја нагласи важноста од користење соодветни средства за идентификување и притворање на лица кои може да бидат осомничени за насилно однесување.
Ретајо нагласи нулта толеранција за каква било штета на јавни или симболични згради, вклучувајќи ги парламентарните собранија и седиштата на извршната и судската власт.
Денот на социјална мобилизација беше најавен кон крајот на август како одговор на мерките за штедење на буџетот предложени од поранешниот министер за финансии Франсоа Бајру.
Тие мерки предизвикаа отпор од синдикатите, кои изразуваат незадоволство од намалувањето на социјалните права.
На претходниот протест, одржан на 10 септември, се собраа речиси 197.000 луѓе, според податоците од Министерството за внатрешни работи.