
Во декември ќе се знае дали Македонците ќе патуваат без зелен картон во регионот
Од Владата за „Слободен печат“ велат дека се работи на утврдување на предлози, коишто засега не се доставени до нив, но ветуваат дека штом ќе стигнат за усвојување, јавноста ќе ги дознае деталите
Во декември ќе падне одлука дали ќе се укине зелениот картон за македонските граѓани. Иницијативата овојпат доаѓа од ЦЕФТА, односно од Србија, која годинава претседава со оваа групација. Од Владата за „Слободен печат“ велат дека се работи на утврдување на предлози, коишто засега не се доставени до нив, но ветуваат дека штом ќе стигнат за усвојување, јавноста ќе ги дознае деталите. Српските медиуми веќе објавија дека до средината на декември треба да се донесе решение на министерскиот состанок.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Зелениот картон се издава врз основа на издадена полиса за осигурување од автомобилска одговорност од соодветната компанија и е замена за полисата за осигурување од автомобилска одговорност издадена за матичната земја со важност за сите земји-членки наведени во полисата. Цената на зелен картон на патничко возило до 66 KВ на годишно ниво е 3.690 денари, а за над 66 KВ за една година е 5.536 денари.
Цена за патничко возило до 66 KВ за месечно ниво е 1.850 денари, а за возило над 66 KВ e 3.075 денари. За влечните и специјалните возила, моторциклите, приклучни и работни возила цената е 5.536 денари. Цената за товарните возила и автобусите е 17.222 денари. Со години се заговара укинување на зелениот картон, кој е голем трошо при секое излегување од земјава, но досега од тоа нема ништо.
– Ве информираме дека до Република Северна Македонија е доставен нацрт-патоказ којшто е изготвен во рамки на Централно-европскиот договор за слободна трговија, а кој е во насока на олеснување на движењето на луѓе и моторни возила во рамки на земјите членки на ЦЕФТА. Во однос на добиениот нацрт-патоказ, ве информираме дека се преземаат активности со цел да се дефинираат конкретните чекори согласно утврдена временска динамика. Имено, се работи на утврдување предлози коишто засега не се доставени до Владата, меѓутоа штом бидат доставени за нивно усвојување, истите веднаш ќе бидат споделени со јавноста – одговорија за нашиот весник од Канцеларијата на портпаролот на Владата.
Здравко Илиќ, експерт за трговија со услуги во Секретаријатот на ЦЕФТА во Брисел, за „Политика“ рече дека е направен план и ќе се стави на маса.
-Се надеваме дека ќе биде усвоен. Дадовме рок од две години, но мислам дека тоа може да се случи и порано. Во принцип се е договорено, а се треба да биде официјално потврдено на претстојниот министерски состанок во декември – изјави неодамна Илиќ.
Оваа одлука ќе важи и за патувања во Молдавија и Албанија. Илиќ, нагласува дека Србија ја искористила улогата на претседавач со Цефта, која ја сочинуваат Албанија, Босна и Херцеговина, Северна Македонија, Молдавија и Црна Гора, а кога овој предлог ќе биде усвоен, тоа ќе биде одличен резултат на српското претседателство.
-Претставниците на ЦЕФТА разговараа со Европската асоцијација за осигурување на возила за најлесниот начин да се реши овој проблем. Во Србија тоа е дел од регистрацијата, но не во сите земји. Има земји каде регистриран автомобил не значи автоматски дека е осигуран. Предлогот е договорен во форма на препорака на Мешовитиот комитет на ЦЕФТА – рекол Илиќ.