Болница во САД / Фото: EPA-EFE/CRISTOBAL HERRERA

Во Америка се случува најголемата епидемија на туберкулоза во последните 75 години

Бранот на случаи на заразени со туберкулоза, што деновиве ја погодува пошироката област на Канзас Сити, во американската држава Канзас, стана најголемата документирана епидемија на болеста во САД од почетокот на мониторингот во 50-тите години на минатиот век, соопшти денеска државниот оддел за здравство.

Случаите поврзани со избувнувањето првпат беа пријавени во јануари 2024 година, а лани биле регистрирани два смртни случаи поврзани со оваа епидемија, изјави за „Си-ен-ен“ Џил Бронау, портпаролка на Одделот за здравје и животна средина во Канзас.

„Оваа епидемија сè уште трае, што значи дека може да има повеќе случаи. Ние работиме со ЦДЦ и ги следиме неговите упатства“, вели Бронау.

Од петокот наваму имало најмалку 67 луѓе третирани за потврдени активни инфекции со туберкулоза, а имало и 79 потврдени латентни случаи, во кои бактеријата-причинител е присутна во телото, но не предизвикува болест.

Микробите на туберкулозата се шират од човек на човек преку продолжен контакт со некој кој има активна инфекција. Луѓето со латентни инфекции не можат да ја пренесуваат болеста на други луѓе, но ако бактериите станат активни, латентната инфекција може да се развие во болест.

Државниот оддел за здравство не соопшти што ја предизвикало епидемијата. Засегнатите локални здравствени одделенија работат со секој пациент за да ги идентификуваат можните блиски контакти и да спроведат бесплатно тестирање, според веб-страницата на државната агенција.

На национално ниво, бројот на случаи на туберкулоза во Соединетите држави се зголемил во 2023 година кај сите возрасни групи и во повеќето области на известување, според извештајот објавен минатата година од ЦДЦ. Сепак, здравствените власти во истиот извештај велат дека САД имаат една од најниските преваленци на туберкулоза во светот и дека повеќето Американци не се под ризик да заболат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот