
Во „5 до 12“ градските советници треба повторно да ги гласаат одлуките што претходно ги одбиле
На три дена пред крајот на 2023 ќе се одржат две битни седници, на едната е Буџетот за 2024 година, а на другата ќе се расправа за прашања кои неколкупати досега се нашле на дневен ред, како што се субвенции, планирани вработувања и покривање загуби на јавните претпријатија, но и за споменикот на Ќосето, за воведување брз автобуски превоз.
Две значајни седници ќе одржат градските советници во последните денови на оваа година. На утрешната на дневен ред е Буџетот за 2024 година, а на таа в четврток, за која се предвидени 36 точки, треба да се изгласа или не сето она што досега не добило поддршка на советниците.
Препорачано
Ќе се расправа за прашања кои неколкупати досега се нашле на дневен ред, како што се субвенции, планирани вработувања, но и покривање загуби на јавните претпријатија, како и за неизгласаните годишни извештаи за 2022 година. Советниците по трет пат ќе расправаат за повторно поставување на споменикот на Ќосето, повторно ќе се гласа за воведување брз автобуски превоз, но и по којзнае кој пат годинава за доделување субвенции на таксистите за купување возила на електричен погон.
Значи, во „5 до 12“ советниците треба да ги сменат своите досегашни ставови или да престанат со инаетење со градоначалничката Данела Арсовска и набрзина да го усвојат сето она што досега го одбиле. Меѓу другото, треба и повторно да гласаат за веќе изгласаната одлука за воведување мерки против загадување на воздухот, затоа што градоначалничката донесе решение со кое го запре извршувањето на оваа одлука. Доколку советниците в четврток ја изгласаат по вторпат, тогаш Арсовска мора да ја објави и спроведе или да поведе постапка пред Уставен суд за оспорување на нејзината уставност.
Пред еден месец, на вонредна седница, откако претходно одбиваа, советниците конечно му одобрија на ЈСП „Скопје“ дополнителни субвенции од 110 милиони денари, со што вкупната поддршка од Град Скопје за ова јавно претпријатие годинава изнесуваше 550 милиони денари. Сега, советниците треба да се изјаснат за субвенции за ЈСП за 2024 година. Според предлогот јавното сообраќајно претпријатие наредната година треба да добие 700 милиони и 400 илјади денари од Буџетот и тоа 140 милиони и 400 илјади за бесплатен превоз на пензионери во вторник, петок, сабота и недела, како и за бесплатен превоз на редовни студенти на додипломски студии на државните универзитети, потоа 500 милиони за потешкотии во работењето и 60 милиони за функционирање на АЛВ и систем за интелегентна наплата во автобусите.
Наспроти огромната парична поддршка за ЈСП, советниците ќе гласаат и за субвенции за ЈП „Лајка“ во износ од 4 милиони денари за потешкотии во работењето.
Бидејќи претпријатието не ги остварило своите приходи, а општините во градот Скопје не ги подмируваат своите обврски навремено, со оваа одлука предвидена е субвенција од 4.000.000 (четири милиони) денари, обезбедени од Буџет на Град Скопје за 2024 година, преку ставката за потешкотии во работењето, од причина што претпријатието се наоѓа во незавидна економска состојба, па согласно на тоа овие средства ќе придонесат за извесна материјална консолидација на претпријатието – се наведува во образложението на предлогот за субвенционирање.
На три дена пред истекот на годината советниците треба да донесат и одлука за давање субвенции на ЈП „Градски паркинг“ за тековнава 2023 година. Средствата во износ од 5 милиони денари треба да се искористат за проектирање и изведба на монтажни паркиралишта.
Привремените паркиралишта претставуваат челични монтажно-демонтажни модуларни еднокатни конструкции со кои се зголемува т.е. удвојува расположивиот паркинг простор, а од друга страна се намалува времето потребно за барање на слободно паркинг место што влијае на намалување на загадувањето и на зачувување на околината. Нивната основна предност е што по истекот на предвидениот период на користење можат да се демонтираат и повторно да се монтираат на друга локација. Монтажата со примена на стандардизирани челични елементи и унифицирани монтажни врски, по правило, е брза и едноставна – се вели во објаснувањето каде не се прецизира каде точно се планира да се градат монтажни гаражи затоа што не е познато дека годинава се изградила некоја нова, и како за три дена ќе се искористат средствата за субвенции доколку советниците ги изгласаат.
Советниците треба да се изјаснат и дали ќе прифатат да ги покријат загубите во работењето направени во 2022 година на „Градски паркинг“ во износ од околу 13 милиони денари и на ЈСП од речиси 384 милиони денари.