
Внуци на фашизмот
Живееме во време кога не само што некои маргинални групи и култови одгледуваат магиско мислење што се темели на тотално незнаење и глупавост, туку тоа го прават цели политички елити и лидери, а по нив и нивните следбеници и цели нации, што неизбежно го води нашето планетарно бротче кон сè поразбуркано море и сè понеизвесна иднина.
Еден афоризам што веројатно лажно му се припишува на Жан Жак Русо духовито и јадровито зборува за денешниот свет на „поствистината“. Изреката – во моја парафраза – гласи дека секоја вест има свои четири страни: нашето видување, нивното видување, вистината за настанот и она што стварно се случило. Врвот на луцидноста, сигурно забележавте, е двоењето на вистината од она што стварно се случило, што ја релативизира вистината како поим, односно ја прави практично невозможна. За жал, историското искуство ни го потврдува ова темно видување, зашто факт е дека вистината никогаш и не постоела во стварноста, буквално никогаш, во ниту едно општество за коешто постојат историски записи.
Препорачано
Таа, вистината, секогаш била идеал, возвишена цел на човекот во сите времиња, но материјализирана, таа е само човечка конструкција, видување или став за настан или појава, за некој или за нешто. Меѓутоа, во самата материјална стварност, сублимната вистина секогаш била наметната од горе, од нејзиниот создавач – од министерството за вистина, и тоа секогаш како алатка за владеење во рацете на владетелот или на владејачката класа.
Но и покрај оваа цинична и тегобна „вистина“ за вистината, и покрај обидот за тотална релативизација на фактите од страна на постмодерните мислители, сепак постојат објективни историски факти околу кои сите нормални, ментално здрави луѓе би морале да се согласат. Или, како што пишува Ерик Хобсбаум, „постмодернистичката интелектуална мода (…) имплицира дека сите факти со кои се тврди некое објективно постоење се само интелектуални конструкции, или накусо, дека не постои јасна разлика помеѓу фактите и фикцијата. Но таа сепак постои, а (…) способноста да се прави разлика помеѓу нив е од фундаментално значење. Не можеме да измислуваме свои факти. Елвис Присли е или мртов или не е мртов“. Всушност, токму способноста на еден човек или на едно општество да прави разлика помеѓу фактите и фикцијата е вистинската мерка за слободата, човечноста и менталното здравје на поединецот или на заедницата.
За жал, живееме во време кога не само што некои маргинални групи и култови одгледуваат магиско мислење што се темели на тотално незнаење и глупавост, туку тоа го прават цели политички елити и лидери, а по нив и нивните следбеници и цели нации, што неизбежно го води нашето планетарно бротче кон сè поразбуркано море и сè понеизвесна иднина. Веќе не постои институција во нашиот развиен и слободен свет за која може со сигурност да се смета дека умее да прави разлика помеѓу фактите и фикцијата. Така на пример, министерот за надворешни работи на Европската Унија мисли дека Втората светска војна воопшто не се случила или – ако веќе се случила – дека победници во неа биле само САД, Велика Британија и Франција, но не и Советскиот Сојуз и Кина. Морам да признаам дека оваа вест ми изгледаше толку неверојатно, што оваа јавна изјава на шефот на европската дипломатија и безбедност упорно и во неверица ја проверував со денови. И, колку и да добивав писмени потврди за таа скандалозна и во својата суштина нечовечна и криминална изјава, не се смирив додека не го најдов и повеќепати изгледав целосниот видеозапис од настанот.
И, бидејќи е сосем вон памет и за нормален човечки мозок сосем неприфатлива, морам тука целосно да ја цитирам криминалната изјава на Каја Калас, високиот претставник за надворешни работи и сигурност на Европската Унија. Ова Каласова во службено својство го искажа пред публика, како ексклузивен гостин на Институтот за безбедносни студии на Европската Унија, пред камери и со микрофон во рацете. Кога домаќинот ја прашува за односите помеѓу Унијата и Кина, како и за сојузништвото помеѓу Кина и Русија, таа одговара дека тука всушност станува збор за војна на наративи помеѓу глобалниот север и глобалниот југ, и како пример за лажните пропагандни наративи на глобалниот југ таа ја спомнува кинеската прослава на 80-годишнината од победата во Втората светска војна и победата над Јапонската Империја 1945.
И, како што реков, нејзиниот одговор не се раскажува, туку мора да се цитира од збор до збор: „Бев на АСЕАН собирот, и една работа беше интересна, тоа како Русија ѝ се обраќа на Кина, као, демек, Русија и Кина, знаете, ние се боревме во Втората светска војна, ние победивме во Втората светска војна, ние го победивме нацизмот!? И јас си помислив, као, океј, ова е нешто сосем ново!? И тогаш, и самите ќе видите, знаете, ако ја знаете историјата, тогаш тоа поставува многу прашалници во вашата глава. Но, знаете, можам да ви кажам, во денешно време, луѓето навистина не читаат ниту, пак, ја паметат историјата толку, па поради тоа, знаете, можете да видите дека тие наседнуваат на овие (лажни, м.з.) наративи…“.
Елем, настрана елоквенцијата на Калас, која повеќе му прилега на маалскиот повторувач, што везден седи на гајба пред локалниот гранап, пие пиво и држи банка за светската политика, скандалозното во говорот на шефицата на европската дипломатија и безбедност што таа како воопшто и да не знае – или намерно одрекува – дека Русија и Кина се бореле на истата страна во Втората светска војна, и тоа на страната што се борела против фашизмот, и дека повеќе од две третини од 70-те милиони човечки жртви, колку што војната вкупно однела, се дадени токму од страна на народите на Советскиот Сојуз и Кина? Тоа дека СССР имал неверојатни 11 милиони загинати војници и 16 милиони убиени цивилни жртви од сите возрасти и полови, во борбата против нацистичка Германија и нејзините европски сојузници, а дека во борбата против Јапонскиот окупатор што траела од 1931 до 1945 година во Кина загинале 3 милиони војници и 17 милиони цивили, тоа за Каја Калас се лажни пропагандни наративи?!
Тоа дека Втората светска војна како тотална војна за опстанок на народите на СССР и Кина практично целосно се водела на териториите на овие две земји, каде што и го создала најужасниот пекол и гибел од кога постои човештвото, тоа се разбира е нешто сосем ново за оваа опасно инфантилна дипломатска примадона. И конечно, факт е дека најголемите борби во историјата се воделе исклучиво на Источниот фронт, каде што Хитлеровата солдатеска беше победена исцело од Црвената армија, зашто мртвите „докази“ говорат за себе: од 5.400.000 воени губитоци на германската војска Црвената армија уништи цели пет милиони агресори. Но галиба и овие веќе ноторни факти за Втората светска војна „поставуваат многу прашалници“ во главчето на високата претставничка на ЕУ, та првиот европски дипломат инсинуира дека се тоа лажни исцедоци на зловестата руска пропаганда?!?
Вакво блатантно негирање на фактите за Втората светска војна не би смеело да си дозволи и обичен човек, а за европскиот прв дипломат тоа не би смеело да биде можно. Но тоа не само што е можно, туку е и нормално, зашто, конечно, Каја не е случајно шеф на европската дипломатија и безбедност, и, како што сите гледаме, од нејзините малоумни изјави не ѝ фали ниту влакно од главата, а ниту пак од ЕУ следуваа некакви коментари или дипломатски извинувања. Тоа е така, зашто со Европа владеат внуците на фашизмот, чијашто прва задача откога завладеаја со континентот беше да ја изопачат историјата, и тоа за цели 180 степени, и на денешните граѓани на Европа да им втиснат в глава верзија на Втората светска војна во која „добрите момци“ беа земјите од здружената фашистичка Европа, а „злите гадови“ беа азијатските орди на комунистичкиот Советски Сојуз.
Се разбира дека оваа изопачена верзија на минатото е неопходна пред сѐ за да се управува и со сегашноста и со иднината, како што тоа Орвел пророчки го срочи во својата „1984“. Во конкретниот случај, оваа одвратна, нечовечка и криминална официјална европска историја, што ги негира и целосно ги одрекува педесетте милиони советски и кинески убиени човечки души, не е поединечен идиотлук на една инфантилна квазидипломатка, туку е смислена историска поддршка на плановите на обединета Европа за уште еден воен поход на исток. Конечно, Наполеоновиот поход на Москва беше здружил значаен дел од европскиот континент, Хитлер беше многу поуспешен зашто во походот за истребување на Евреите и на варварските словенски народи ги обедини практично сите денешни членки на Европската Унија, па според составот на НАТО, овој трет поход на Москва има досега најдобри шанси во битката за освојување на животниот простор на украинската и руската шир. Се разбира, под претпоставка дека рускиот нуклеарен потенцијал е само уште еден евтин пропаганден блеф, пардон, наратив.
(Авторот е архитект и универзитетски професор)
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“