Али Ахмети Фото: Фејсбук Ахмети

ВМРО-ДПМНЕ: Нашите српски мафијаши од ДУИ се одраз на криминалците на Милошевиќ, но во евтино огледало од „Али експрес“

Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ предупредува дека од ДУИ не можат да ја делат Македонија, туку можат да завршат во затвор.

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ велат дека ДУИ е во очај и дека лидерот Али Ахмети се враќа 24 години наназад со теми од конфликтот во 2001 година за да ја прикрие, како што велат од партијата, сопствената одговорност за корупцијата, сиромаштијата и за масовното иселување на Албанците и на другите граѓани во изминатите две децении.

„ДУИ е во очај. Штом Ахмети се враќа 24 години наназад со тезите откако, да се потсетиме, во тие 24 години, 23 беше на власт и е учесник во целото газење, компромитирање и корумпирање на институциите. Сега, по 23 години власт, му текна да зборува за 2001 година, конфликт чиишто бенефити и материјализирање најдобро го почувствуваа околу 50 луѓе од врвот на ДУИ – кои од овчари, земјоделци, механичари и од слаткари (со сета почит кон чесните носители на овие професии) – станаа шеици и тајкуни поради слабата држава и нивната перманентна закана и континуирана злоупотреба на етнички теми во ситуации кога треба да се зборува за реформи, иднина, подобар живот на граѓаните, и за борба против корупција од која тие се преплашени“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Од ДУИ можат колку сакаат да потсетуваат на 2001 година, сега сме 2025 година, и не само што не може да ја делат Македонија, туку може и да завршат во затвор за криминал и за тоа што ја разјадуваат Македонија и ги злоупотребуваат пред сѐ своите гласачи, се додава во соопштението.

„И една друга теза, која ги повикавме Албанците да ја слушнат јасно, дали сте свесни дека додека ДУИ е на власт, овие 24 години има егзодус на Албанците (и на Македонците и на останатите, но во огромен процент на Албанците) и има толку раселени Албанци од Македонија што Ахмети дури и да ја поделел во 2001 година, сега Македонија, што ќе му останела, ќе била иста и бетер како оваа целата – сиромашна, опљачкана и празна. Ние се бориме за доброто на сите. И апелираме да не се дозволува да се инволвира јавноста во овие теми зашто Ахмети, ако не зборува за овие теми, станува безначаен, празен и гол, при што лесно се гледа неговото вистинско корумпирано лице, а и на неговите најблиски.“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

ДУИ без да се реформира, освен со (лидерот на СДСМ, Венко) Филипче заради тоа што се исти и со исти вредности и се одраз на еден ист ментален склоп, се наведува во соопштението, нема соговорник и публика кај никој друг во македонскиот блок, ниту, пак, некој ги сфаќа сериозно нивните потсетувања на конфликтот по 24 години нивно владеење во земјава од која остана пепел, сиромаштија и се произведоа тајкуни блиски до ДУИ и дел од ДУИ.

„Очигледно српското влијание во ДУИ е непобитно. Голем мерак имаат да бидат како оние српски скороевичи кои се збогатија на грбот на српскиот народ во време на Милошевиќ на ембарга, шверцови, рушење на државниот поредок и на општа пљачка. Нашиве српски мафијаши од ДУИ се одраз во огледало на милошевиќевите криминалци, но огледалото, во кое се огледуваат тие, е од ‘Али експрес’ и затоа делуваат во една јавност со вкус и со чувство со нормалност, трагикомично“, се заклучува во соопштението.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!