Блерим Беџети, пратеник Фото: Принскрин

Власта со помош на ДУИ изгласа со општините да раководат в.д. градоначалниците на Аеродром, Гостивар и на Сарај

Ова е вторпат Европскиот фронт предводен од ДУИ да обезбеди двојно мнозинство откако пред формирањето на Владата на Христијан Мицкоски, Фронтот го поддржа законот за реорганизација на Владата.

Собранието ги донесе измените на Законот за локална самоуправа со кои трите општини Аеродром, Гостивар и Сарај нема да одат на предвремени избори туку со нив до редовните локални избори во октомври 2025 година ќе раководат в.д. градоначалниците. Измените на законот следат откако по парламентарните избори тимчо Муцунски, и Арбен таравари станаа министри, а Блерим Беџети пратеник.

Ова е вторпат Европскиот фронт предводен од ДУИ да обезбеди двојно мнозинство откако пред формирањето на Владата на Христијан Мицкоски, Фронтот го поддржа законот за реорганизација на Владата.

За измените на Законот за локална самоуправа гласаа 83 пратеници, а против беа 17 народни избраници. Бидејќи на власта за да помине законот и беше потребен таканаречен „голем Бадентер“, тој беше обезбеден и со пратеници од Европскиот фронт, односно 24 пратеници од заедниците ги поддржаа измените, а против гласаа тројца пратеници.

Претходно лидерот на ДУИ Али Ахмети за „Слободен печат“ потврди дека ќе дадат поддршка на измените на законот, но негира дека за тоа има договор со премиерот Мицкоски.

Али Ахмети за „Слободен печат“: Протести за почитување на легитимитетот и можни предвремени избори

Пред гласањето координаторот на пратеничката група на Европскиот фронт , Блерим Беџети образложи зошто ќе гласа за законот.

-Да не ги малтретираме граѓаните да гласаат бидејќи изборите треба да се одржат пред Нова година и после остануваат неполни 10 месеци до редовните избори. Имајќи предвид дека ние имаме спор на национално ниво околу легитимитетот, уставните измени кои нигде не се споменуваат, како и да не трошиме дополнителни средства кои може да се искористат за градинки, училишта и за потребите на граѓаните, ова се причините дека Европскиот фронт ќе го поддржи овој закон – рече Беџети.

Законот го предложија координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски и пратениците Халил Снопче од Вреди  и Бобан Карапејовски од ЗНАМ.

Мицевски, во образложение на потребата од законските измени при утврдување на дневниот ред на собраниската седница на 14 септември, рече дека со нив треба да се овозможи да нема избори за нов градоначалник до редовните избори ако има помалку од 12 месеци. Станува збор, како што потенцираше, за преодно решение кое ќе важи само до претстојните локални избори до октомври следната година.

-Со членот 4 се уредува преодно решение за постапката за распишување нови избори за градоначалник, поради настапување на еден од случаите за престанок на мандатот на градоначалник по сила на закон до одржување на првите редовни избори за членови на советите на општините и Советот на градот Скопје, за избор на градоначалник на општина и градоначалник на градот Скопје по влегувањето во сила на овој закон. Имајќи во предвид дека до распишување на нови локални избори има помалку од 12 месеци и тргнувајќи од начелото на економичност и економската состојба во државата, како и краткиот рок за организација на овие избори, а потоа доаѓаат и редовните локални,  продолжените законски решенија се со цел да ја постигнат целта поради која е предложен законот – односно да нема измени и овие кандидати за градоначалници да останат до одржување на редовните локални избори – рече Мицевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот