Фото: Левица

Власта не сака да се спомене Кочани во Собранието

По повеќе од два месеца од кочанската трагедија, за која Обвинителството веќе заврши дел од истрагата, никако да се прозбори во Собранието, а пратениците не одржаа ниту комеморативна седница за најголемата несреќа во поновата историја на Македонија, во која загинаа 62 млади луѓе, а 200 се повредени.

Димитар Апасиев, претседателот на опозициската Левица, кој ја предводи и Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, поднесе иницијатива за одржување собраниска надзорна расправа за трагедијата и предложи да се дополни дневниот ред на седницата со оваа точка, но ВМРО-ДПМНЕ со девет гласа „против“ експресно го одби предлогот иако опозициските пратеници гласаа „за“.

– Не може како ноеви со главата во песок да се втурнеме, затоа што ова е трагедија од европски, па и светски размери. Мислам дека е несериозно од нас како институција ова да помине без макар и надзорна расправа во Постојаната анкетна комисија. Како Собрание сметам дека им останавме должни на граѓаните на Кочани, бидејќи не одржавме никаква седница, ниту комеморативна, не одржавме ниту специјална анкетна комисија, ниту надзорна расправа …Оттука, останува уште ова средство, а тоа е иницијатива по член на матично тело, за да би дошле конечно до расправа – рече Апасиев.

ВИДЕО: „Ние изгубивме, вие уште имате за што да се борите“, порачаа семејствата на загинатите во Кочани

Според него, како пратеници се должни да дадат и политичка квалификација на настаните, односно да се види кој грешел и од сегашната и од минатата власт, а ги спомена актуелните началници како и актуелниот директор на Државниот пазарен инспекторат, Влатко Стојкоски, за кои има сомнежи дека се заштитени.

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Дафина Стојаноска веднаш излезе на говорница и кажа дека Кочани не треба да биде на дневен ред на Комисијата, затоа што имало веќе иницијатива за надзорна расправа во Комисијата за политички систем, на која, пак, власта зборуваше дека треба прво да заврши истрагата, а сега вели дека треба да се почека да биде поднесено обвинение.

Според Стојаноска, никој нема против да се разгледува оваа трагедија во Собранието, но смета дека е хумано и правно и официјално да заврши истрагата, да се види обвинителниот акт, а потоа, како што рече, да има навистина „за што како пратеници и народни избраници да расправаме на темата трагедијата во Кочани“.

Кочани: ФЗОМ не им дава надоместок на плата за боледување на дел од преживеаните во „Пулс“

– Да се разјасниме по однос на оваа поднесена иницијатива на пратеникот Апасиев, до претседателот на анкетната комисија Апасиев, дека во тек е веќе една иницијатива, којашто е поднесена до Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, која што, исто така, се однесува за трагедијата во Кочани и нема потреба да правиме паралели. Нема потреба од дуализам во ова Собрание. Веќе е во тек, се собираат списоци за да се поканат гости, но мора да нагласам, а и целата македонска јавност знае, дека истрагата сè уште не е завршена. Да почекаме да биде формиран тој обвинителен акт, па потоа како пратеници да се расправа на тема трагедијата во Кочани – изјави Стојаноска.

Координаторот на пратеничката група на Левица, Борислав Крмов, изрази разочараност од повторното блокирање на иницијативата од страна на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВРЕДИ. Рече дека уште на 3 април пратениците од „Левица“ поднеле официјално барање за надзорна расправа, кое сè уште не е влезено во процедура поради недоволниот број на пратеници-потписници.

– Со шест пратеници немаме доволен број за да поднесеме надзорна расправа. Ни требаат уште минимум девет потписи, но ниту една друга пратеничка група во Собранието не се одважи да се приклучи – изјави Крмов.

Тој порача дека „Левица“ ќе продолжи да инсистира оваа точка да се најде на дневен ред на следна специјална седница на Комисијата на која Апасиев пак ќе ја предложи иницијативата, по што ќе се види дали владејачкото мнозинство ќе остане на истата позиција.

Уште во април, на Комисијата за политички систем не се изгласа единствената точка на Комисијата за одржување надзорна расправа за селективниот пристап во истрагата за трагедијата во Кочани, поднесена од пратениците од ДУИ. На оваа седница се случи и мала расправа меѓу претседателот на Комисијата Љупчо Пренџов и членот Блерим Беџети од Европскиот фронт, кој обвини дека се бега од вистината.

– Ова е сведоштво на продолжувањата на „мојот закон“ и „ќе ве влечеме за уши“. Ова е отсуство на сведоштво, а за сите тие кои се одговорни, се оди на ретроактивност, со цел да се направи голема магла – обвини тогаш Беџети.

Коцевски: Истрагата за пожарот во Кочани е завршена, од утре почнува увидот на одбраната во доказите

Пренџов рече дека пратениците од ДУИ поднеле иницијатива до Комисијата за политички систем за одржување надзорна расправа потпишана од 15 пратеници и дека по неа се постапува според Деловникот, но не знае кога би се одржала таа надзорна расправа.

– Претседателот на матичното работно тело кое ја спроведува надзорната расправа задолжително се консултира со членовите или замениците на матичното работно тело при избор на овластени претставници. Право на предлагањето на овластени претставници што можат да бидат поканети на надзорната расправа имаат членовите на матичното работно тело. По добиените предлози од членовите на матичното работно тело, претседателот утврдува листа на претставници врз основа на добиените предлози. Редослед на сослушување на исказите на претставниците се утврдува на начин што ќе обезбеди рамномерен сооднос меѓу мнозинството и опозицијата – стои во Деловникот.

Засега не се знае кога и кој би присуствувал на оваа главна расправа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот