
Власта има план, не ја дава ни локалната власт
Според замисленото сценарио, ако градоначалниците на Аеродром и на Гостивар Тимчо Муцунски и Арбен Таравари станат министри, двете општини нема да распишат избори, туку со нив ќе раководат вршители на должност градоначалници. Во таков случај избори ќе нема ниту во Сарај, откако Блерим Беџети стана пратеник.
Законот за реорганизација на владата утре влегува во Собрание, и според информации на „Слободен печат“, веќе в петок треба да биде на собраниска седница, а идната недела да помине со двотретинско мнозинство, за кое од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека веќе е обезбедено.
Препорачано
Шефицата на државата Гордана Сиљановска-Давкова се очекува в четврток да му го врачи мандатот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за состав на новата влада. По ова ќе следува и измена на Изборниот законик и на законот за локална самоуправа за да може градоначалници што ги меркаат министерските позиции, да станат дел од извршната власт.
Сиљановска-Давкова изјави дека е можно и порано да го додели мандатот за формирање нова влада. Рокот за доставување на мандатот завршува на 7 јуни.

– Можно е и порано да се додели мандатот. Сè зависи од ситуацијата. Уставот вели 10 дена и потоа 20 дена за да се состави владата. Јас ќе ги проучам термините – рече Сиљановска-Давкова.
Собранието денеска ги формира комисијата за политички систем и законодавно-правната комисија, со што се отвора патот веќе в петок, на пленарна седница, да се разгледува потребата од законот за организација на работата на органите на државната управа, односно преструктурирањето на одредени министерства и институции. По ова, предлог-законот за реорганизација на министерствата оди на двете комисии и, според најавите, веќе следната недела можно е да помине во Собранието.
Од ВМРО-ДПМНЕ брифираат дека веќе обезбедиле двотретинско мнозинство, односно дека 80 пратеници ќе ја поддржат реорганизацијата на владиниот кабинет, меѓу кои најверојатно и дел пратеници од коалицијата предводена од СДСМ. Ова, пак, ќе значи дека Мицкоски ќе го реализира изборното ветување за промена на законот пред да ја формира новата влада, зашто и преговорите за владино партнерство и распределба на ресорите со коалицијата „Вреди“ и со Движењето ЗНАМ ги водеше според новата реорганизација.

Новата реорганизација ќе значи Министерството за економија да прерасне во министерство за економија и труд, Министерство за труд и социјална политика да стане министерство за социјална политика, демографија и млади, а во Министерството за култура да се додаде и секторот туризам. Ќе има и нови министерства, и тоа министерство за енергетика, рударство и минерални суровини, министерство за дигитална трансформација и министерство за спорт. Секретаријатот за европски прашања ќе прерасне во министерство за европски прашања.
Ако сè оди според планот на владејачкото мнозинство, следни на списокот се измените на Изборниот законик за да им се овозможи на актуелни градоначалници да станат дел од тимот на Мицкоски на „Илинденска“. Неофицијално, ќе се оди со формулацијата да не се одржуваат предвремени локални избори ако градоначалникот кој заминува од функцијата како градоначалник истуркал повеќе од половина мандат. Ова ќе значи дека ако градоначалниците на Аеродром и на Гостивар, Тимчо Муцунски и Арбен Таравари, станат министри, двете општини нема да распишат избори, туку со нив ќе раководат вршители на должност градоначалници. Во таков случај избори ќе нема ниту во Сарај откако Блерим Беџети стана пратеник. Неофицијално, договорот се темели на партиски интереси, односно партиите да си ги задржат општините до редовните локални избори, иако градоначалниците се сместиле во извршната односно во законодавната власт.

Таравари вчера потврди дека ќе биде новиот министер за здравство, што е и потврда дека меѓу ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ има договор и за измените на Изборниот законик во делот на избор на градоначалници. Тој рече и дека преговорите за новата влада се при крај.
– Наскоро, за три-четири дена, ќе има дефинитивен договор, но тоа да го оставиме на идниот премиер тој да го објави. При крај сме со договорот за влада – рече Таравари.
И Муцунски рече дека сè уште течат разговорите за новата влада.
– Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ сè уште формално го нема земено мандатот, тоа што можам да го кажам е дека во согласност со уставните рокови ќе биде формирана новата влада – рече Муцунски.
Тој не одговори дали ќе биде дел од извршната власт, бидејќи, како што рече, е неблагодарно да ја дискутира својата политичка иднина преку медиумите.
Половина поранешни пратеници на апанажа
Комисијата за избори и именувања денеска го одобри барањето на експретседателот на државата Стево Пендаровски пензијата да му биде во мирување. Ова не помина без коментар од претседателот на Комисијата Ѓорѓија Сајкоски од ВМРО-ДПМНЕ:
– Барањето за мирување на пензијата на Пендаровски е одобрено, иако тој лично изјави дека ќе се откаже од претседателската пензија – изјави Сајковски.

Комисијата одобри 29 поранешни пратеници една година да живеат на државен трошок, односно им ги одобри решенијата за апанажа. Ова нема да е конечната бројка, бидејќи, како што рече Сајкоски, поднесени се и други барања што се во фаза на разгледување.
Според законските одредби, апанажата е во висина на пратеничката плата. Неа ја исплаќа Собранието, односно организацијата во која лицето ја вршело функцијата. Според собраниски информации, речиси половина пратеници од минатиот состав, односно 57 од 120 народни избраници ќе побараат апанажа. Рокот за поднесување барања на апанажа почна на денот на верификација на мандатите на пратениците од новиот парламентарен состав, а завршува за 30 дена, односно на 28 јуни.
Меѓу поранешните пратеници на кои веќе им е одобрена апанажа во траење од една година се Жаклина Лазаревска, Ненад Коциќ, Санела Шкриељ, Дарко Каевски, Љупчо Балковски, Абдула Салиу, Диме Велковски, Игор Јанушев, Маја Морачанин, Боби Мојсовски, Мартин Костовски, Кастриот Реџепи… Мирослав Јовановиќ ќе прима апанажа само два месеца до стекнувањето право на пензија, Абдула Салиу шест месеци додека не оди во пензија, додека Ремзи Мехмети на апанажа ќе биде девет месеци.
Против предлогот за апанажа беше пратеникот од Левица, Крмов.Комисијата одлучи да им го прекине правото на апанажа на Оливер Спасовски и на Весна Бендевска, кои се пратеници во новиот парламентарен состав. Спасовски земаше апанажа откако беше сменет од министер во МВР поради техничката влада, додека Бендевска беше на апанажа откако ѝ заврши мандатот во Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.