
Власта „го пушти низ вода“ Коцевски и за Кочани
Целата одговорност сега се префрла на Обвинителството, откако ИРЛ објави пораки што си ги разменувале синот на сопственикот на „дискотеката на смртта“ со инспектор од УЈП, брат на претседателката на Кривичниот суд Даниела Димовска, како и со други инспектори што им најавувале акции и рации, а за тоа добивале подароци и резервации за маси во „Пулс“.
Власта сака да го „пушти низ вода“ републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски за трагедијата во Кочани, но тој не се предава и тврди дека ќе работи професионално, чесно и законито, и ќе го гони секој за кого Обвинителството ќе има докази дека е вмешан во кочанската трагедија во која загинаа 62-ца млади луѓе.
Препорачано
Откако во документарецот на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) беа објавени пораки што си ги разменувале синот на сопственикот на кобната дискотека со инспектор од УЈП, кој е брат на претседателката на Кривичниот суд Даниела Димовска, како и со други инспектори што им најавувале акции и рации, а за тоа добивале подароци и резервации за маси во клубот „Пулс“, власта целата одговорност ја префрли на Обвинителството.
Коцевски не ги коментира изјавите на премиерот Христијан Мицкоски, кој иако прво беше задоволен од постапувањето на Обвинителството за трагедијата во Кочани, по првиот објавен пропуст премиерот одговорноста ја префрли на државниот обвинителот и кажа дека не е задоволен од неговата работа.
– Не навлегувам во политички изјави. Политиката е една работа, работата на Јавното обвинителство е сосема друга. Јас и понатаму ќе работам чесно и законито, а другото го оставам на политичарите. Тоа е нивна одлука. Мое е да работам онака како што сум работел досега – рече Коцевски.
Мицкоски, пак, повика да се гони секој што е вмешан на кој било начин.
– Случајот го води Обвинителството, јавниот државен обвинител Коцевски. Таму, видовте вие, во изминатиов период дванаесетина обвинители работеа на овој случај. Ако е прашањето дали сум задоволен од работата на Обвинителството, мојот одговор ќе биде – не сум задоволен, и токму тоа беше причината зошто поддржавме во Собранието смена на Коцевски. А зошто СДСМ и ДУИ не ја поддржаа смената на Коцевски, тоа е друго прашање. Треба секој оној што на каков било начин во каква било форма има каква било поврзаност за тој случај, да биде изведен пред лицето на правдата – рече Мицкоски.
Објавени се само дел од пораките, се истражува и УЈП и други институции, вели Коцевски
Коцевски: Има многу повеќе пораки, не само за лица од УЈП
За обвинителот објавените пораки не се нови, тие се дел од нивните докази и дел од предистражната постапка која се води, како што вели, не само за лица вработени во Управата јавни приходи, туку и во други институции.
– Јавното обвинителство уште од почеток постапуваше по поднесена кривична пријава, меѓутоа Јавното обвинителство водеше и предистражна постапка и во однос на сите други институции, што значи дека во моментот на подигање обвинение, немаше докази во однос на инспектори на УЈП. Меѓутоа, предистражната постапка беше отворена веднаш и таа уште трае, со тоа што завршување на обвинението не значи дека ќе заврши и постапката за Кочани, затоа што и вчера имав состанок со обвинителите и овие податоци што беа изнесени од Истражувачката репортерска лабораторија не се ништо ново. Сите овие пораки се испратени до одбраната, ги имаа и Судот, и МВР, меѓутоа, тоа се многу малку пораки во однос на она со што Обвинителството располага во моментов. Таму има уште десетина инкриминирани дејства. Постапката воопшто не е ниту затворена, не само за УЈП, туку и за други институции. Она што беше кажано, беше избрзано имајќи предвид дека истражувачите не побараа информација од Јавното обвинителство – вели Коцевски.
Овие докази, односно пораки, како што потврди и Коцевски, ги имало и Министерството за внатрешни работи. „Слободен печат“ испрати прашања до МВР – зошто не поднеле кривични пријави против инспекторите што ги има во пријавите, но одговор не добивме.
На прашањето дали овие лица се дел од предистрагата, Коцевски вели дека тоа е тајна и дека не можат да ги кажат потенцијалните сторители, но додаде дека може да се насети дека „предмет на предистрага не се само овие, туку и повеќе други институции“.
Коцевски потсети на неговата изјава што ја даде на почетокот на истрагата за трагедијата за Кочани, дека станува збор за „ерозија на системот“ и уверува дека јавните обвинители нема да пропуштат ниту едно дејствие и ниту еден евентуален сторител на кривично дело. Тој не сакаше да каже зошто не ги гонеле овие инспектори за други коруптивни кривични дела повикувајќи се на тајноста на постапката.
– Можеби има десетина други инкриминирани дејствија. Еве, ќе ви кажам дека во разговор со обвинителите вчера ми кажаа дека имаме докази, стигнати дури во јули, откако е поднесено обвинението. Меѓутоа, тоа е предистражна постапка, не може Обвинителството јавно да споделува информации, не може јавно да ги објавиме пораките. Доказите од првиот предмет се дадени и на одбраната и на Судот. Јавното обвинителство располага со многу повеќе пораки и докази во предистражна постапка, која е тајна – рече Коцевски.
Со оглед на тоа дека постапката ќе се води во скопскиот Кривичен суд и со оглед на сомнежот во јавноста за политичко-судски спреги, тој вели дека тоа прашање треба да му се остави на судот.
– Ние сме, сепак, странки. Нашата задача ја завршивме во рекорден рок за два и пол месеци – рече тој споредувајќи ја истрагата со предметот за настрешницата во Србија што траела една година, а Обвинителството го квалификувала делото со истата законска одредба.
Суспендирани инспекторите од УЈП кои најавувале контроли во кочанската дискотека на смртта
Тој кажа дека за предметот што се води против полицајците постапува само еден обвинител, бидејќи Обвинителството нема доволно обвинители, но засега се запазени сите рокови за ова обвинение. Правниците уште од почеток го критикуваа обвинението што се води против вкупно 37 лица и се најавува долг и мачен судски процес и се сомневаат во политичко влијание.
Јошевска Анастасовска: Траумите допрва доаѓаат
Адвокатката Сузана Јошевска Анастасовска на социјалните мрежи пишува дека траумите допрва доаѓаат.
– Дејствија што не можат да се доведат во контекст со последицата изразена преку кривичното дело тешки дела против општата сигурност од чл.292 од КЗ, не беа предмет на ова обвинение. Така е, дејствија што не можат да се доведат во контекст со последицата не треба да бидат предмет на обвинение. Но, вие решивте да смислувате термини како „верижни пропусти“ или „верижни последователни пропусти“ или „синџир на континуирани пропусти“ за да ѝ се „додворувате“ на власта, наместо да разграничите што е криминал поврзан со пожарот. Што е злоупотреба и несовесно работење на службите со конкретни докази за истото, а што е системски пропуст за кој не постои индивидуална кривична одговорност, туку постои морална и политичка. Потоа, го „налицкавте“ обвинението со умисла и соизвршителство за да биде „тешко“. Го избрзавте за да добиете „фалби“ и напредувања во кариерата и сега давате вакви смешни соопштенија. Се бори сам со себе што го снашло оти против природата му е да удри силно и одлучно и да го врати обвинението со јасна порака дека не може да пројде во суд ваква нарачана правна итроштина без докази. Во целиот тој галиматијас се прави дупла штета – семејствата на жртвите се збунети и разочарани, општеството е со недоверба. Синџирот е силен онолку колку што е силна најслабата алка – напиша таа.