Зеленчук во маркет / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Владините мерки генерално се почитуваат, дел од маркетите ќе изгубат петнаесетденевен промет

Цената на рафтовите од 15 април мора да биде иста со онаа која ќе се објавува на веб страната на било кој маркет, продавница за железарија, за бела техника. Значи сите големи, средни и мали трговци законски се обврзани тоа да го прават. Обврската е задолжителна за сите кои имаат над 10 вработени, вклучително и за пекарите и слаткарниците

Три помали маркети, една аптека и тројца од најголемите увозници на овошје и зеленчук, или вкупно 8 „непослушни“ трговци ќе изгубат 15-дневен промет, бидејќи пазарните инспектори ги затвориле поради непочитување на владините мерки за ограничување на маржите. Освен тоа, дополнително ќе бидат и парично казнети од 500 до 10.000 евра, за одговорното лице, односно за трговската компанија, сумираше директорот на Државниот пазарен инспекторат, Влатко Стојкоски, по завршените контроли од 24 февруари до 6 март. Стојкоски откри дека од контролите добиле сознанија дека од увоз до фактура, некои од овие субјекти остварувале маржи и до 70 отсто, што се прелеало врз цената на крајниот производ. Во моментов се обработуваат уште 30 предмети, во кои има и големи маркети, а инспекторите продолжуваат со континуирани теренски контроли. ДПИ располага со 192 пазарни инспектори, а 50 тимови се на терен. Стојкоски, рече и дека трговците соработуваат со неговите колеги и дека не се обидуваат по „заобиколен пат“ да ги избегнат глобите.

– Инспекциите утврдија неправилности во работењето на осум правни субјекти, кај кои маржите достигнувале и до 70 отсто. Освен привремено затворање, овие субјекти ќе бидат санкционирани и со парични казни – изјави Стојкоски на прес-конференција. Инспекторите се постојано на терен и спроведуваат контроли без прекин. Во моментов работиме на 30 дополнителни предмети, но и покрај овие прекршувања, директорот на ДПИ, оцени дека владините мерки во најголем дел се почитуваат.

Во периодот од 24 февруари до 6 март, Државниот пазарен инспекторат спровел вкупно 365 инспекции во малопродажните објекти и 64 во големопродажните, со што биле опфатени над илјада трговски субјекти. Притоа, биле констатирани 36 неправилности, а издадени се прекршочни платни налози во вкупен износ од 42.000 евра.

Директорот на ДПИ ги потсети трговците дека имаат 45 дена да се подготват и на нивните веб страни секодневно да ги ажурираат цените во нивните маркети. Тој беше дециден дека оваа обврска нема да им биде дополнителен товар на компании, кои и сега имаат ИТ сектор задолжен за овие активности.

-Цената на рафтовите од 15 април мора да биде иста со онаа која ќе се објавува на веб страната на било кој маркет, продавница за железарија, за бела техника… Значи сите големи, средни и мали трговци законски се обврзани тоа да го прават. Обврската е задолжителна за сите кои имаат над 10 вработени, вклучително и за пекарите и слаткарниците – објасни Стојкоски.

Рамка: Кај хемијата и детската храна, маржите биле и над 35 отсто

Претходната обемна анализа за движењето на бруто-профитната маржа покажала дека кај некои трговци таа се движела од 5 до 25 отсто, но забележително отскокнувале хемиските производи, средствата за хигиена и детската храна до над 35 отсто. Сега според директорот на ДПИ, цените полека се смируваат, но треба да помине уште малку време за вистинските намалувања.

-За вистинскиот ефект од Законот за нефер трговски практики е потребен извесен период. Има претходни набавки со високи маржи тие производи се трошат,а маржите се „пеглаат“ до оние кои Владата ги определи – 5, 10 и 15 отсто во зависност од производите – рече Стојкоски.

Тој не можеше да предвиди како Владата ќе се однесува по завршувањето на оваа акција по 30 април. Најави дека се следат берзантските цени, како на пример онаа за кафето, кое деновиве поскапе од 100 до 300 отсто.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот