Цени во маркети / Фото: Dmitriy Shironosov / Alamy / Profimedia

Владините кошнички се „истрошија“: Ако се безобразни, трговците ќе бидат удрени по прсти

Пазарните инспектори се на терен и ако забележат големи поскапувања, ќе има поригорозни мерки, што значи наместо досегашните ограничени маржи на 102 производи, ќе се замрзнат или ќе се ограничат сите производи, се закани министерот за економија Бесар Дурмиши

Ако се безобразни, трговците ќе бидат удрени по прстите, бидејќи Владата ќе ги следи нивните чекори и ако има девијантно однесување, ќе има и нови поригорозни мерки, што значи наместо на 100 ќе се ограничат маржите на сите производи, најави министерот за економија и труд Бесар Дурмиши. Она што е сигурно е дека одлуките за ограничување на бруто-профитна маржа на 102 групи основни прехранбени производи и за утврдување највисоки цени на 8 групи основни прехранбени производи „брои ситно“. Овие две одлуки стапија на сила на 20 февруари и завршуваат на 30 април.

Со одлуката за ограничување на бруто-профитната маржа во трговија на големо и мало на 102 групи производи или повеќе од 1.000 прехранбени и непрехранбени производи со 5 отсто бруто-профитна маржа беа млекото, лебот, брашното (тип 400 и тип 500), јајцата, маслото за јадење, јогуртот и киселото млеко, со 10 отсто бруто-профитна маржа беа 55 прехранбени производи (месо и преработки од месо, шеќер, млечни производи, маргарин, путер, конзервирани зеленчук и овошје, грав, ориз, тестенини), а со 15 отсто БПМ се продаваа 39 прехранбени производи и средства за хигиена (свежо овошје и зеленчук, детергенти, бебешка храна, пелени, сапун, тоалетна хартија и друго). Замрзнати беа цените на 8 групи основни прехранбени производи: млеко, леб, брашно (тип 400 и тип 500), јајца, масло за јадење, јогурт и кисело млеко.

Во меѓувреме трговците добија законска обврска секој ден наутро на своите веб-страници да ги објавуваат сите цени и нивните промени за секој маркет посебно. Следен чекор на Владата е изготвување софтвер за нема злоупотреби и на таа мерка, а со него граѓаните ќе лоцираат маркет и направат споредби на цени.
Според анкетата на порталот МКД.мк, граѓаните се задоволни од владините мерки, а задоволни се и премиерот Христијан Мицкоски и министерот Бесар Дурмиши. Според владините претставници, цените на храната се намалени дури и според потрошувачката кошничка на ССМ за март и тоа за 9 отсто.

– Очекувам јасна и детална анализа и набљудување на пазарот за да нема одредени девијации кога некои од трговците ќе се обидат да заработат надвор од она што е пристојно однесување, бидејќи се тешки времиња – рече премиерот Мицкоски.

Инфлацијата во март 2025 година споредено со февруари бележи намалување од -1,3 отсто, укажа на статистичките податоци министерот Дурмиши.

– Постојано работиме на мерки за подобрување на стандардот на граѓаните и стабилизација на цените. Пазарните инспектори се на терен и ако забележат енормни поскапувања, ќе има поригорозни мерки – се закани тој.

Дали новата кошничка ќе биде за три или за четиричлено семејство?

Готова е драфт -верзијата на новата минимална потрошувачка кошничка и во скоро време ќе биде претставена пред граѓаните, најави министерот Дурмиши.

– Направивме добра верзија со податоци што ги земавме од релевантните институции и со цени од повеќе трговски синџири. Работната група работи веќе два месеца и идниот месец ќе ја имаме конечната верзија, а ќе ја разгледа и ЕСС. Сè уште не е одлучено дали ќе се земат предвид потребите на три или на четиричлено семејство, разговараме на темата – најави Дурмиши.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот