
Владата закажа вонредна седница за проблемот со јавниот превоз во Скопје
Владата денеска ќе одржи вонредна седница на која ќе расправа за проблемот со јавниот превоз во Скопје. Скопјени од вчера имаат редуциран градски превоз поради недостиг на гориво за автобусите. Најголем дел од автобусите се лоцирани во базите во „Скопје“ во Автокоманда и Ѓорче Петров.
Препорачано
Седницата, како што соопштија од Влада е закажана во 14 часот, а во 18 часот е закажана и вонредна седница на Советот на Град Скопје.
Од советничката група на СДСМ на прес-конференција излегоа со неколку предлози за надминување на ситуацијата. Предлагаат Владата под итно да обезбеди 2,5 милиони литри евро-дизел од државните резерви на нафта, да се свика надзорна расправа во Собранието за состојбата во главниот град, како и да се донесат измени за Законот за финансиска поддршка на општините и јавните претпријатија основани од нив, коишто Собранието треба да ги усвои по скратена постапка за да се обезбеди финансиска стабилност на Градот.
Од вчера попладне автобусите на ЈСП се паркирани во базите на ЈСП „Скопје“ во Автокоманда и Ѓорче Петров, бидејќи претпријатието нема нафта. Сообраќаат само 25 автобуси на гас. Граѓаните преку социјалните мрежи се организираат за превоз и апелираат до сите кои одат на работа со сопствено возило да застанат на најблиската автобуска станица и да прашаат студенти, пензионери дали има некој да превезат до попатната дестинација.