
Владата во Софија официјално ги покри сите трошоци за лекувањето на повредените од Кочани во Бугарија
Советот на министри на Бугарија со одлука за доделување хуманитарна помош ги покри сите трошоци за лекувањето на младите луѓе од Македонија, кои беа повредени во катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани во март годинава.
Препорачано
Вкупната сума на трошоците за транспорт и лекување на пациентите од земјава во бугарските болници изнесува еден милиони и 352.000 лева (околу 767.000 евра).
Според бугарските власти, помошта вклучува:
– аеромедицинска евакуација на осум пациенти со авион „Спартан“, со вкупна вредност до 70.000 лева.
– медицинска евакуација на шест пациенти преку специјализиран медицински транспорт со копнено медицинско возило (брза помош) во вкупна цена од 9.300 лева.
– вкупно 15 пациенти беа лекувани во болнички установи во Бугарија, со вкупна цена од 1.352.000 лева.
– сместување на членовите на семејствата на жртвите во вкупен износ од 59.465 лева.
Советот на министри, исто така, усвоил Уредба со која се одобруваат дополнителни расходи во рамките на буџетот на Министерството за здравство за 2025 година во износ од 1.431.300 лева за воздухопловна медицинска евакуација, медицинска евакуација преку специјализиран медицински транспорт со возило за копнен медицински транспорт и лекување на жртвите од трагичниот инцидент.
Пожарот во „Пулс“ однесе 62 човечки животи, а огромен дел од жртвите беа млади луѓе. Околу 200 повредени беа лекувани во повеќе од 20 земји од соседството и од Европа.