Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Владата со објаснување зошто нема греење: Лоцирани се дефекти кои се отстрануваат

По проблемот со парното кое се расипа уште на првиот ден од грејната сезона, се огласи Владата со објаснување дека „грејната сезона 2025/2026 за потрошувачите приклучени на системот за централно греење во градот Скопје официјално започнува на 15 октомври“. Се правдаат дека имало дефекти, кои ќе бидат отстранети до почетокот на официјалната грејна сезона.

Оттаму додаваат дека согласно постојните прописи, испораката на топлинска енергија може да започне и порано – конкретно, од 1 октомври – доколку прогнозираната средна надворешна температура за следниот ден е еднаква или помала од 12 степени целзиусови, според податоците од Управата за хидрометеоролошки работи.

„Во деновите пред официјалниот почеток, се спроведуваат неопходните подготвителни процедури на системот, вклучувајќи и ладни и топли проби и во тие процеси се лоцираат одредени дефекти. Во текот на летниот ремонт, помеѓу двете грејни сезони се вршеше напрегање на дистрибутивната мрежа, активност која била занемарена со години, со цел откривање на дефекти и нивна санација. Во рамките на тие активности, откриени се околу 80 дефекти и истите се целосно санирани. Сепак, староста на мрежата не ја исклучува можноста од појава на нови дефекти, па така по серија на ладни и топли проби на топлификацискиот систем настанаа нови пукнатини на два секундарни водови, по што одредени реони во градот, привремено останаа без топлинска енергија на 2 и на 3 октомври“ соопштија од Владата.

До официјалниот почеток на грејната сезона, велат дека сите дефекти ќе бидат отстранети.

Според објаснувањето, топлинската мрежа, со која управува АД ЕСМ на територијата на градот Скопје, датира од средината на шеесеттите години од минатиот век. Доцнењето на инвестициите во оваа застарена инфраструктура во изминатите години, претставува значителен ризик за целокупниот систем за снабдување со топлинска енергија.

„За да се одговори на овие предизвици и да се обезбеди стабилно, долгорочно решение, програмата на Владата вклучува сеопфатни планови за развој, модернизација, ревитализација и проширување на мрежата за централно греење во Скопје. Подобрувањето и надградбата на системот за дистрибуција на топлинска енергија во Скопје се формално внесени во листата за планирање на инвестиции во рамки на Реформската агенда – План за раст за периодот 2024-2027 година, како предлог-инвестициски проект од областа на „Чиста енергија“.

Оваа голема инвестиција има за цел значително да ја зголеми енергетската ефикасност, што ќе ја подобри целокупната состојба во делот на топлинската енергија, ќе поддржи зголемен конзум, и што е најважно, ќе придонесе за намалување на аерозагадувањето и зголемена стабилност на електроенергетскиот систем. На крајот, модернизацијата и оптимизацијата на системот за централно греење ќе резултираат со поголема енергетска независност и намалена зависност од увоз на електрична енергија“ се вели во владиното соопштение.

Од Владата тврдат дека се во тек подготвителните активности за реализација на овој проект.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот