Арбен Фетаи, вицепремиер за добро владеење/Фото: Фејсбук

Владата најавува нова стратегија за конфискација на нелегален имот

Заменик-претседателот на Владата за политики за добро владеење Арбен Фетаи, денеска се обратил на Регионалниот состанок за политики за враќање на имот во Западен Балкан, што се одржува во Будва, Црна Гора.

Фетаи, како што соопшти неговиот Кабинет, ја истакнал потребата од координирани активности против организираниот криминал и корупцијата, нагласувајќи ја важноста на размена на најдобрите практики и справување со нелегалните финансиски трансакции кои ја поткопуваат демократијата и довербата на граѓаните во институциите.

Тој го презентирал напредокот на Македонија, вклучувајќи го усвојувањето на три значајни закони за конфискација и управување со запленетиот имот, како и Стратегијата за финансиски истраги и конфискација на имот за периодот 2024–2028, која е во завршна фаза.

И покрај постигнатиот напредок, Фетаи посочил дека резултатите за 2023 година покажуваат пад на вредноста на замрзнатиот и конфискуваниот имот во споредба со 2022 година. Во 2022 година, вредноста на замрзнатиот имот изнесуваше речиси 40 милиони евра, додека конфискуваниот имот беше околу 28 милиони евра. Во 2023 година, замрзнатиот имот е намален на само 1,69 милиони евра, додека конфискуваниот изнесува околу 18 милиони евра.

– Овие бројки се повик за будење и потсетуваат на потребата од промена на пристапот – рекол вицепремиерот за политики за добро владеење.

Фетаи го најавил формирањето на Национален совет за финансиски истраги за зајакнување на меѓуинституционалната координација и потврди дека земјата останува посветена на активна соработка со граѓанското општество.

– Никој не е над законот. Со силна политичка волја и меѓународна соработка, можеме да се справиме со криминалните мрежи и да ги изведеме корумпираните пред лицето на правдата – заклучил Фетаи, изразувајќи благодарност до Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (UNODC) и италијанското Министерство за надворешни работи за организирањето на овој настан.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот